Стоп за урбанистичката експанзија и бесправната градба, строги правила за местото и јачината на озвучување при одржување на музички настани во летниот период, преиспитување на намените на Свети Климентовиот Универзитет , е само дел од проекцијата и визијата за развој на Охрид на Наум Јованоски-Чакар, кој денес ја објави својата кандидатура за градоначалник на претстојните локални избори.
Јованоски, кој беше прв човек на општинската организација на СДСМ од 2009 до 2013 година, на денес одржаната прес конференција потенцира дека еден од основните мотиви за кандидатурата е тогаш остварената победа врз ВМРО ДПМНЕ со разлика од 500 гласа.
- Дополнителен мотив да се кандидирам за одговорната функција е фактот што, во делот на организациската и теренска активност, имам одлично претходно искуство, добар тим кој ќе застане зад мене – заеднички да ја одработиме задачата, доколку за тоа добиеме поддршка од нашата матична партија – СДСМ. За да влезам во изборната трка, имам и личен мотив, поради блискоста и вербата во актуелното раководство на СДСМ, односно Владата на Република Македонија, предводена од премиерот Зоран Заев, со чии политики, на домашен и меѓународен план, особено на планот на зближувањето со соседните земји и народи, целосно се согласувам, ги поддржувам и ќе работам на нивната реализација и афирмација, рече Јованоски.
Во визијата на Јованоски за развој на Охрид акцент се става и на контролата на заштитениот крајезерски појас, заштита на Студенчишкото блато, основање на дирекција „Охридско културно лето“, како и на град кој може да прерасне во летна политичка метропола.
OhridNews












