Во 2010 дури 45% од анкетираните компании навеле дека имаат зголемување на прометот во однос на 2009 година, а за 2011 очекуваат да продолжи овој тренд, односно зголемување на прометот за 56% во однос на 2010. Од нив 33% сметаат дека прометот ќе остане ист, а само 11% очекуваат пад на прометот во 2011.
Во однос на вработувањето, компаниите праќаат позитивни сигнали, 48% од анкетираните претпријатија планираат да го зголемат бројот на вработените во 2011 , 37% не планираат проширување на персоналот, а само 15% очекуваат намалување на бројот ва вработените.
Најмногу простор за подобрување компаниите сметаат дека има во ефикасноста на јавната администрација, транспарентноста при јавните тендери, во јавната инфраструктура, правната сигурност, процесот за приближување на Македонија кон ЕУ, политичката стабиолност, пристапот до државната и до финансиската поддршка од ЕУ, како и во сузбивањето на корупцијата и криминалот.
„Од одговорите на испитаниците повторно стана јасно, дека ситуацијата кај важни локални фактори во Македонија треба итно да се подобри.Претпријатијата очекуваат од Владата поголеми напори во реформите за подготовката на долгоочекуваното членство во ЕУ, транспарентноста при јавните тендери, обезбедувањето правна сигурност и ефикасна транспарентна администрација. Подобрувањето на овие основни услови е важно за одлуките за инвестирање, пред се за германските претпријатија, кои воедно ја пофалија реформата за рамниот данок и намалетните стапки за социјални придонеси за вработените“, изјави Михаел Шмит, Директор на Германската стопанска комора во Македонија.