Со нов гитарист, легендарната музичка група Леб и Сол на бреговите на Охридското Езеро деновиве црпи инспирација од неповторливата убавина и се подготвува за издавање на новиот албум.


Новиот гитарист на Леб и Сол Димитар Божиков

Нов, член, нов албум и нова веб страна, но ништо без препознатливиот дух и енергија која и по толку децении работа во различни состави тлее во Леб и Сол. Старата постава, Гаро, Кокан и Бодан велат дека се подготвени за новиот предизвик. Без Влатко со кого пријателски се разделиле, но со Димитар Божиков на гитара започнува новата приказна.

Леб и Сол секогаш го следел времето. Ако на почетокот пливаше во водите на џез-рокот, па подоцна преку разни влијанија на панкот и други правци  стигна до етно музиката, сигурно дека и новата приказна ќе кореспондира со сегашноста, вели Бодан. Тој  најави дека модерното (читај електронскиот звук) нема да го заобиколи новиот музички материјал на кој Леб и Сол сега работат. Тоа ќе биде музика од 21 век, додава Бодан.

Сега сеуште доста работиме и на стариот материјал, го освежуваме, што е извонредна можност  Димитар да се адаптира во бендот, вели Бодан. Со него се знаеме 25 години и нема да има никаков проблем, рече Бодан, кој очекува дека Димитар ќе остави свој белег во групата . Леб и Сол, според Бодан, не бил секогаш една иста постава. „Во седумдетите беше оригиналната постава, потоа Кокан излезе, продолживме да постоиме, во 1981 година излезе Гаро продолживме двајца да работиме, но Леб и Сол го буткавме. Потоа се врати Гаро, па Кокан и повторно бевме оригинална постава. Сега Влатко не е тука и тоа е тоа, но приказната е присутна“, смета Бодан.

Леб и Сол мора да продолжи понатаму, вели тапанарот Гаро. „Ние сме на некој начин отскочна даска за генрациите, еден јак фундамент кој достојно го репрезентира нашиот фолклор и не би било чесно кон нашите  обожаватели да завршиме со еден рез“, додава Гаро.


Леб и Сол мора да продолжи понатаму-Гаро

Влатко е човек кој има своја кариера и тој има свое видување на сето ова. Тој смета дека треба да се собереме повторно по 5 години, што не се совпаѓа со нашите планови. Со еден телефонски раговор сето тоа го решивме, а односите ни се сосема нормални, објаснува Гаро, кој очекува подршка за тоа што сега го прави Леб и Сол.

„Името Леб и Сол е поголемо и побитно од нашите индивидуи и суети и апсолутно без било кој од нас кои можеби исто така еден ден ќе заминеме ќе се тера големата  приказна за Леб и Сол. Се додека детето во нас е живо е добро, кога ќе го снема, тоа ќе биде вистинскиот крај на Леб и Сол“, вели клавијатуристот Кокан Димушевски.

Новиот гитарист Димитар Божиков, вели дека за него е голем предизвик да го заземе местото на Влатко Стефаноски. „Човекот остави голем багаж кој треба максимално да се искористи, но гледано од мој апект верувам дека ќе дадам едно свое видување на музиката во Леб и Сол“, рече Димитар Божиков.


Новиот Леб и Сол

Првата фаза од продукцијата ја минавме, сега влегуваме во втора фаза кога материјалот се вежба по што следи снимањето, но кога ќе биде тоа во моментов не можеме да кажеме, вели менаџерот Златко Ристески. Новиот албум ќе се работи во Скопје, Нови Сад, Рим и Лондон, а ќе биде готов кога ќе почувствуваме дека материјалот е тој вистинскиот, велат членовите на групата. Леб и Сол во Охрид оставува до 20 септември.

Горан Момироски