Приведени се 20 лица од Скопје, следбеници на радикалниот ислам, најголем дел од нив се македонски државјани. Врз основа на материјални докази, од МВР тврдат дека тоа се извршителите на грозоморното убиство на петте недложни граѓани. Меѓу 20-те уапсени, има лица кои се директно инволвирани во убиството кај Смиљковци, појасни Јанкулоска, но и лица за кои нема податоци дека биле на лице место на убиството.
При извршените претреси вчера во 26 објекти, во најголем дел на територија на Градот Скопје, и во активностите во полициската акција „монструм“, во која учествува над 800 припадници на МВР (УБК и БЈБ), пронајдено е поголемо количество оружје, литература која укажува на идеолошката припадност на овие лица и други предмети, кои би можеле да бидат или се користени при извршување кривични дела. Во тек е вештачење дали пронајденото оружје е користено во петкратното убиство.
Според Јанкулоска, главниот мотив најверојатно е нивната идеја за убивање во радикалниот ислам, а целта е да се создаде чувство на страв кај пошироката јавност.
По барање на новинарите да даде оценка за безбедносната состојба во Македонија и дали земјава се соочува со опасност од радикален исламизам и други можни терористички напади, Јанкулоска потсети дека Република Македонија е дел од глобалната коалиција за мир, и е земја која според бројот на жители е 5-та по ред по учеството на мировниците од АРМ во мисијата во Авганистан.
– Со самото тоа Република Македонија е на страната на земји кои може да бидат потенцијален таргет на радикалните исламисти, рече Јанкулоска.
Во неколку полициски станици во Скопје синоќа имаше распит на 20 лица приведени во акцијата „монструм“, со кои треба да се утврдат деталите поврзани со истрагата за петкратното убиство кај Смиљковското Езеро.
Лицата се приведени во неколку објекти во акцијата спроведена во Арачиново, Шуто Оризари, Чаир и Ченто. Тие во своите први искази ќе треба да одговорат на прашањата што барало оружјето кое е пронајдено и запленето во нивните домови. Според извори од МВР станува збор за автоматска пушка, четири пиштоли, бомба, осум куршуми за „црна стрела“, шест куршуми за тромболон, шест рамки за автоматска пушка, десет маскирни униформи, седум тактички елеци, три фантомки и три радио врски. Биле пронајдени и возило, околу десетина илјади евра, компјутери, мобилни телефони и картици.
На 12 април, на Велики четврток, на брегот на езерото кај Смиљковци свирепо беа убиени Кире Тричковски, Александар Наќевски, Филип Славковски и Цветанчо Ацевски на возраст од 18 до 20 години, како и Борче Стефановски (45) од скоспкото село Црешево. Петмината, според досегашните информации на полицијата, убиени се од автоматско оружје од непосредба близина.
извор: МИА