Завчерашната кражба во која од стан стан на ул. „Дејан Војвода“, беа украдени пари и златен накит во вредност од околу 19.000 евра, е последна од неколкуте тешки кражба што се случија оваа година во Охрид. Во јануари беше ограбена златарница во центарот на градот при што беше одземено злато во вредност од 100.000 евра, а во истиот период беше нападнат и сопственик на менувачница од кој беа одземени 120.000 евра. И двата случаи се’ уште не се разрешени, но од охридската полиција велат дека предметите и натаму се отворени и интензивно се трага по крадците.
-СВР Охрид на реализација на овие два случаи се’ уште работи, поради отежнувачки околкности кои споро некако не водат до сторителите на тешките казнени дела. Но она што е битно е дека во континуитет се преземаат мерки, тие два случаи се’ уште се на маса на оперативците на СВР Охрид и ќе бидат реализирани, затоа што ние сме гарант на безбедноста и имотот на граѓаните -изјави портпаролот на охридската полиција Стефан Димоски.
Тој изрази оптимизам дека последната кражба што се случи на ул. „Дејан Војвода“ брзо ќе биде разрешена, бидејќи, како што рече, полицијата има добри оперативни сознанија за можните сторители.
-Ние интензивно работиме на случајот, но за реализација ќе биде потребно време. Се надевам дека за скоро ќе излеземе со кривична пријава.-изјави Димоски.
Портпаролот Димоски истакна дека статистички бројот на кражби во Охрид бележи намалување последните години, освен во летниот период кога е зголемен бројот на ситни кражби, кои најчесто се случуваат на плажите и места каде има поголема фреквенција на луѓе.
Г.М.