Охридските плажи преполни со отпушоци од цигари. Остатоци од стотици испушени цигари, секојдневно завршуваат во песокот на крајбрежјето, а често и во езерската вода.

Додека во голем број други туристички места, години наназад се преземаат мерки за отстранување на оваа лоша навика на пушачите, кај нас сеуше ниту е развиена свеста дека отпушоците не треба да се фрлаат наоколу, ниту пак се преземаат конкретни санкции за казнување на оние кои тоа го прават, барем не- кога станува збор за плажите.


–    Навистина е непријатно да се релаксирате и одмарате на плажа на која се осеќа мирис на цигари. Или нека не ги фрлаат во песокот или пак оние кои што се грижат за уредувањето на плажите нека ги чистат, реагираат дел од посетителите.

Пушачите пак со свое оправдување дека на охридските плажи нема соодветно место на кое би ги фрлале отпушоците. 

Во дел од странските земји казните за фрлање отпушоци на плажа се ригорозни. Во Англија казните се движат над 100 евра, додека пак во некои земји како Сингапур, оној кој што ќе се примети дека фрлил отпушок од цигара на плажа, ќе мора облечен во флуросцентна облека да ја исчисти плажата.


Во Македонија, согласно измените на Законот за комунален отпад донесени во 2008 година, општинските комунални инспектори имаат можност на самото место да изрекуваат казни. За фрлен отпушок од цигара на јавна површина, казната е во противвредност од 30 евра.

Од општинскиот комунален инспекторат признаваат дека проблемот постои, но потенцираат дека од нивна страна се вршат контроли согласно можностите.

Инаку, за разградување на филтерот од цигарите кој е направен од целулоза ацетат, вид на пластика, потребни се повеќе од 12 години.

Т. Кувенџиска