Во врска со неовластеното отстранување и оштетување на знамето на Република Македонија од јарболот на градскиот плоштад, по завршувањето на постапката, СВР Охрид поднесе прекршочна пријава против две лица- 24- годишен државјанин на Австралија и 26- годишен државјанин од Велика Британија. На двете лица од страна на Основниот суд во Охрид им е изречена мерка протерување со забрана за влез во Република Македонија за време од 5 години и парична казна од по 1000 евра.

Според официјалните информации од СВР- Охрид, пријавените на 8-ми овој месец во 03 часот и 50 минути, го нарушиле јавниот ред и мир со неовластено отстранување и кинење на знамето на Република Македонија. Тие, од јарболот кај кружниот тек на булеварот „Македонски просветители“ го спуштиле државното знаме, го извлекле од сајлата и го искинале. Вандалскиот чин  го извршиле по прошетката низ неколку ноќни клубови и видно под  дејство на алкохол. На кружниот тек на булеварот, го паркирале  возилото марка „Митсубиши“ со национални ознаки од Нов Зеланд по што извадиле метален стол. Двајцата пријавени се качиле на столот и придржувајќи се на јарболот успеале да ја дофатат сајлата, а потоа и да го извлечат знамето.

Додека двајцата го уништувале знамето, тројца нивни другари спиеле во возилото и воопшто не биле свесни што се случува надвор од возилото.

OhridNews