Странските туристи кои вчера вечер се загубиле на планината Галичица во лоши временски услови, имале голема среќа, бидејќи навреме биле пронајдени. До нив први пристигнаа припадниците на ренџерската служба на Националниот парк Галичица, кои заедно со полицијата, ЦУК и единицата за спасување на Црвениот крст беа вклучени во неколкучасовната потрага.
Како што изјави Ѓуро Јовчески од ренџерската служба на паркот, двајца туристи, момче од Словенија (23) и девојка од Полска (22) сакајќи да ги разгледаат убавиите на Галичица со GPS и несоодветни карти, слабо облечени по кратки панталони, вчера вечерта се загубиле во северните предели на планините. За среќа тие успеале да исконтактираат со полицијата и да ја кажат својата локација благодарение на патоказите кои се поставени на Галичица во изминатите години. Биле пронајдени над селото Велгошти, покрај патоказ за црквата Св. Петка.
-Алармирани бевме околу 21 часот од страна на полицијата дека се загубиле двајца туристи. Потрагата се одвиваше во лоши временски услови, магла, дожд, поради што отежнато беше движењето и на возилата. Навреме стигнавме до нив, за среќа беа свесни, но во состојба на шок, намокрени и премрзнати. Навистина имале среќа затоа што во текот на ноќта на Галичица падна и снег.-истакна Јовчески.
Странските туристи биле згрижени во управната зграда на паркот каде со нив бил извршен раговор од страна на полицијата. Од националниот парк апелираат до посетителите на паркот да не ги игнорираат безбедносните правила, да носат соодветна опрема и задолжително да се пријавуваат во управата со цел доколку биде потребно спасувачките служби навреме да реагираат.
-Туристи пријавувајте се во паркот, симболична е цената на влезницата, контактирајте со нашите сектори, и известувајте не каде сте и каде планирате да се движите.-рече Наумче Новески одговорен на сектор во ЈУ национален парк Галичица.
Новески истакна дека не случајно движењето во паркот на туристите треба да биде во придружба на лиценциран водич кој добро ја познава планината, укажувајќи дека во насока на подобрување на безбедноста на посетителоите, во план е да се изгради уште една спасителна куќичка во паркот, покрај таа која ја има Црвениот крст.
И Црвениот крст укажува на потребата од постоење на повеќе спасителни пунктови на Галичица кои на спасувачките екипи ќе им служат како логистика. Оттаму укажуваат дека вчерашната акција била одлично координирана помеѓу полицијата, Националниот парк, ЦУК и Единицата за спасување на планини и непристапни терени на Црвениот крст.
-Ако акцијата се оддолжеше за час и половина можеби ќе имаше друг исход затоа што условите на планината Галичица синоќа беа екстремно лоши. За среќа навреме беше интеревенирано и баа спасени два човечки животи. За прв пат можам да кажам дека спасувачките тимови и институциите делуваа координирано онака како што треба и со голема пожртвуваност успешно ја извршија својата мисија, на што треба да им се честита.-рече Антонио Додески од Единицата за спасување на планини и непристапни терени при Црвен крст Охрид.
Додески апелираше до надлежните институции, пред се до локалната самоуправа, да помогнат соодветно да се опреми спасителната станица на планината Галичица, со цел спасувачките екипи при интеревенции да ги имаат потребните услови.
Г.М.
















