За разлика од домашните гости кои по правило кога ќе дојдат на одмор во Охрид или во Струга сакаат само плажи и капење, странските туристи се буквално жедни за авантури и не сакаат класичен одмор со излежување. А овој регион има многу да понуди, што за жал останува непознато на граѓаните од земјава. Нашите гости не ни знаат дека постојат многубројните културно-историски споменици, а уште помалку се запознаени на убавините што ги нуди руралниот туризам.
Туристичките работници велат дека Холанѓаните, Белгијците, Финците и другите странски гости, кои доаѓаат самостојно или во групи, освен за посетата на културните и историските знаменитости, сж повеќе се интересираат за еднодневни екскурзии низ руралните средини, а голем дел од нив сакаат да одат на прошетки во природа, да ловат риби, да нуркаат или да едрат по Охридското Езеро.
– Најчесто им организираме тури низ селата што гравитираат во Охридско-струшкиот регион. Тука пред сж неизбежна е и општина Вевчани, потоа селото Куратица, селата Коњско, Елшани, но и голем број села што гравитираат на потегот на планината Јабланица во Струшко. Особено се импресионираат од старите куќи, архитектурата, фолклорот и секако традиционалните јадења, велат туристичките водичи што ги водат холандските туристи.
Тие појаснуваат дека Холанѓаните се туристи кои многу повеќе ја сакаат природата и не сакаат многу да одат на плажа.
– Голем дел од нив велат дека ако сакаат да се сончаат или да се капат ќе одат во Грција, Турција или во Шпанија и дека во Охрид плажата ја ставаат на последно место, зошто Македонија нуди многу други интересни работи, има преубава природа, богата култура и начин на живот, кој вреди да се запознае, ги раскажуваат своите искуства водичите.
Експертите за туризам сметаат дека интересот на странските туристи за активен одмор треба да биде мотив за жителите на голем број рурални средини, во пошироката околина на Охридското Езеро, но секако и за надлежните институции кои исто така треба да преземат мерки за подобрување на локалната инфраструктура.
– Првиот чекор за развој на руралниот туризам е инвентаризација на руралните средини. Треба да се направи детаљна анализа на терен за да се види со какви услови располагаат руралните средини и дали истите се погодни за вакви туристички активности. Значи, треба да се прецизира кои се вредностите со кои располага одредена селска средина и дали истата ги има сочувано автентичните форми на архитектура и сите карактеристиките на селска средина. Значи, рурален туризам не може да развиваат села што имаат исклучително модерни градби и немаат никакви карактеристики од традиционалниот македонски фолклор, вели проф. д-р Сашо Коруновски, декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Тој смета дека откако би се направила анализа и кога би се дефинирале руралните средини каде што би можел да се развива овој вид туризам, ќе треба да се преземат соодветни активности за мотивирање и едуцирање на жителите кои живеат во овие средини.
– Ќе треба да се изнајде соодветен начин и на жителите на овие средини да им се покаже економскиот бенефит кој може да го добијат од туризмот, појаснува Коруновски, додавјќи дека освен природа и традиција, руралниот туризам треба да обезбеди и добри услови за престој на туристите, а тоа подразбира соодветни услови за сместување, како и производство на традиционална, домашна и органска храна.