Туроператори, претставници од туристички агенции и медиуми од Турција, Албанија, Србија, Бугарија, Русија и Косово денес и во текот на наредните два дена ќе ги запознаат природните убавини на Охрид, ќе ги видат познатите локалитети и хотелски капацитети со кои располага градот. Нивната посета е во рамки на „Промотивната тура 2014“ што е дел од програмата за поттикнување на развојот на туризмот на локалната самоуправа и Секторот за туризам и локален економски развој.
– Целта е гостите да ги запознаеме со туристичкиот потенцијал на градот преку посета на хотелските капацитети, средби со туристичките работници од градот, да ги видат сите знаменитости, познати локалитети, културно- историски споменици и природни убавини. Гостите ќе се запознаат и со сите форми на алтернативен туризам . Утре ќе ги посетат и руралните средини каде ќе имаат можност да пробаат традиционална храна и пијалоци, ќе го посетиме Заливот на коските, ќе се остварат средби со членовите на нуркачкиот клуб, Параглајдинг клубот, ќе го посетиме националниот парк Галичица. Она што најмногу го очекуваме е склучување на аранжмани кои ќе бидат резултат на оваа посета, изјави раководителот на ТЛЕР, Ѓоко Апостолов.
Садик Малај, претседателот на Унијата на туроператори од Тирана потенцира дека ваквите средби значително ќе влијаат врз зголемувањето на бројот на гости кои во иднина ќе доаѓаат во Охрид.
– Со помош на оваа промотивна тура и земајќи ги во предвид политиките на македонската влада за субвенционирање во областа на туризмот се зголемува и можноста за поголема соработка и поголем број туристи кои од Албанија ќе доаѓаат во Македонија. Минатата година во вашата земја донесовме од 2000 до 3000 туристи, а оваа година според нашите проценки земајќи ги во предвид овие олеснителни околности со субвенционирањето, планираме да донесеме од 7000 до 8000 туристи, рече Малај.
Во Турција за Охрид малку се знае, но како што потенцираа турските туристички работници крајно време е Македонија да се препознава по убавините на Охрид.
– По враќањето во Анталија, ќе подготвиме телевизиски прилози за туристичкиот потенцијал на Охрид, како и репортажи во пишаните медиуми. Имате прекрасен град и езеро кое наликува на море, кои заслужуваат да бидат видени од што поголем број луѓе во светот . Во Турција најпознат град од Македонија е Скопје, наша цел е за Охрид да слушнат што повеќе луѓе и во иднина Македонија да биде препознатлива по убавините на Охрид, истакна Артим Коч, туристички работник од Турција.
Како што најавуваат од ТЛЕР идната година од општинскиот буџет ќе бидат издвоени повеќе средства за организирање на Промотивната тура со цел да бидат поканети туроператори и претставници од туристички агенции и медиуми од што поголем број земји.
Т.К.