Сечата на липи на улицата. „Партизанска“ во центарот на Охрид кои се заменуваат со украсни дрва од видот „лигуструм“ предизвика силни реакции во јавноста. Граѓаните со поделени мислења, дел имаат разбирање за преземените активности, други пак сметаат дека се уништува зелениот појас во градот.

-Колку што знам липите беа стари и внатре беа шупливи и ова што сега се прави мислам дека е убаво. 

-Тоа е процедура голема. За да се пресече дрво на запад заседаваат четири комисии и министерства да одлучат за да нема манипулации. Можеби липите беа тешки за одржување поради густината и смолата која ја испуштаат. Овие дрвја што сега се засадуваат се убави, но ми се чини дека тајмингот за сеча е лошо избран, требаше можеби на есен тоа да се прави. Странците кои поминуваат тука фотографираат и ни се чудат.

-Не требаше сите липи наеднаш да ги сечат. Ако веќе се сечат требаше тоа да се прави постепено, да се засадат нови дрва, па потоа да се сечат старите.

-Не требаше воопшто да се сечат. Доаѓа лето треба сенка, а вака оваа улица сега ќе ја избегнуваме затоа што нема сенка. 

-Вака многу грдо ми изгледа. Липите беа природен филтер, штитеа од бучавост од прашина. – коментарираат охриѓани.

Замената на дрворедите во Охрид започна пред повеќе од две години на улицата „Димитар Влахов“, кога исто така имаше силни реакции во јавноста. Охридските екологисти кои тогаш иницираа јавна расправа за сечењето на липите, сметаат дека замената на дрворедите е неопходна.

-Се организираа две трибини на кои беа поканети граѓаните и одговорните на кои се дискутираше дали треба да се сечат липите. Заклучено беше дека треба, а тоа го покажаа и анализите извршени на терен. Едниот проблем беше со летното течење на смола што секако е непријатно за минувачите. Исто така се соочуваа со проблеми институциите задолжени за одржување на инфраструктурата, корените продираа во цевководите, имаше деформација на каблите за струја, набубрување на тротоарите. Сите тие аргументи, како и еколошки аспекти беа земени предвид и беше одлучено да се сечат липите за што беше одредена динамика. Нашето инсистирање тогаш беше да се засадат токму овие дрва кои беа прилично поскапи во однос на другите бидејќи побрзо вегетираат така да има одреден баланс.-изјави Борче Стојаноски од ЕД Грашница.

Од ЈП Охридски Комуналец кое ја спроведува акцијата, тврдат дека поради староста дрворедите од липа претставувале потенцијална опасност за граѓаните, посочувајќи дека дрвото „лигуструм“ кое се засадува на нивно место е поотпорно на временски промени, аерозагадувања и заболувања и нема длабок корен.

При отпочнување на активностите за замена на дрворедите најавено беше дека во иднина се планира да се замени и дрворедот од липа на улицата  „Македонски Просветители“ кој ќе се прошири. Противниците на ваквата идеја предупредуваат дека доколку тоа се случи центарот на Охрид ќе ја изгуби својата препознатливост, а зелениот појас значително ќе се намали што ќе има последици по здравјето на луѓето и квалитетот на живот.

Г. Момироски