Во големиот помор на плашица во каналот Студенчишта што започна пред повеќе од две недели и кој сеуште трае, досега, според проценките на спортските риболовци, угинале помеѓу 15 и 20 тони риба.
Тие предупредуваат дека е потребно итно да се обезбедат неопходни количини свежа вода во каналот Студенчишта за да се спречи поморот.
– Денеска е Прочка и мислам дека Господ нема да ни го прости овој грев што и го нанесуваме на плашицата. Апелирам до Проаква да пушти минимален проток од Билјанини извори, односно 20 проценти од капацитетот, со што ќе се намали изумирањето на рибниот фонд. Ако тоа не го направи Проаква, апелирам до надлежните инспектори да и наредат да го направи тоа. – изјави Радован Димитриески од спортско риболовното друштво „Св. Апостол Петар“.
Oд Проаква попладнево кусо информираа дека јавното претпријатие нема никаква врска со каналот, односно со водостојот и регулирањето на нивото на вода во него, најавувајќи дека со повеќе информации ќе излезат во текот на утрешниот ден.
Според него доколку не може да се обезбеди дотур на свежа вода во каналот, потребно е Хидробиолошкиот завод да ја ангажира својата риболовна служба да ја излови рибата со влак и да ја врати во езерото, а мртвата плашица да се извади од водата и да се закопа затоа што претставува потенцијален извор на зараза.
-Опасноста е дотолку поголема бидејќи во вечерните часови се случува вистински масакр врз плашицата која се изловува со недозволени средства и таа риба потоа се продава, посочува Димитриески.
Иако се претпоставува дека поморот на плашица во каналот Студенчишта е предизвикан од недостиг на кислород, надлежните ги предупредуваат граѓаните на ја конзумираат оваа риба се додека не пристигнат официјалните резултати од анализата на примероци од угинатата риба која треба да ги потврди причините за масовното угинување на плашицата.
Горан Момироски