Реафирмирана стратешката определба за заштита на природното и културното наследство на Охридскиот регион и статусот на УНЕСКО светско наследство, денес во Охрид на состанокот на експертско ниво помеѓу претставници од Република Северна Македонија и Република Албанија. Состанокот беше посветен на процесот на изработка на Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион, а во рамките на заедничкиот Комитет за управување со сливот на Охридското Езеро, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

За време на дискусијата беше договорен заедничкиот работен план и форма и содржина на Стратешкиот план за рехабилитација кој ќе биде поднесен пред Комитетот на УНЕСКО во октомври. На средбата исто така беше иницирана изработката на заедничка мониторинг програма за следење и размена на податоци помеѓу двете земји, велат во соопштението.

Претставниците на работната група од македонската страна, додаваат од МЖСПП, ја презентираа методологијата и временската рамка за изработка на Стратешкиот план за рехабилитација, како и резултатите од досега одржаните консултативни состаноци со засегнатите страни и структурата на предлог документот, додека албанската делегација ги претстави предизвиците и работата на стручните служби за надминување на состојбите нотирани во последните одлуки и препораки на Комитетот за светско наследство во однос на албанскиот дел од подрачјето.
На работната средба присуствуваа претставници од Министерството за туризам и животна средина, Министерството за културно наследство и Институтот за културно наследство на Република Албанија и Општина Подградец и Корча, како и членовите на работната група за изработка на Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион на Република Северна Македонија сочинет од претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за култура и експерти во областа, и претставници на локалната самоуправа, додаваат во соопштението.

OhridNews