Вакцинацијата претставува најдобра заштита за децата од опасни заразни заболувања, кои во минатото „харале“ на овие простори. Иако во последните неколку години постои силно анти-имунизационо лоби низ светот, фактите говорат дека морталитетот од тешките заразни заболувања е сведен на миниум, а во последните 12 години во Македонија не се регистирани дифтерија, полиомиелит и тетанус. Последен случај на полиомиелит е евидентиран во 1987, дифтерија 1976 и тетанус во 2002 година.

Д-р Катерина Димитрова од Одделнието за имунизација во Здравствениот дом Охрид, вели дека повеќе од 95 отсто од населението во охридскиот регион е вакцинирано, а родителите редовно се информираат околу имунизацијата, несаканите дејства и заштитата од заразни болести.

Детето кое редовно ќе ги прими сите вакцини, станува отпорно на најтешките заразни заболувања, кои во минатото уништувале на овие простори. Многу деца, после тие прележани болести останале инвалиди, а некои случаи завршиле фатално. Затоа во соработка со Министерството за здравство и Центарот за јавно здравје, вршиме контрола и бараме деца кои не се вакцинирани. Според нашите последни сознанија, колективниот имунитет во Охрид е на високо ниво и постои општа колективна заштита од тешките заразни заболувања.“ – вели д-р Димитрова.

Првата вакцина која се дава на новороденчината во Македонија е онаа против хепатит Б, воведена во 2004 година.

Како единствена превенција од појава на карцином на црниот дроб е вакцината против хепатит Б, која се прима во три дози. Потоа се дава вакцина против туберколоза, воведена во 1948 година. Оттогаш, континуирана, планирана и задолжителна е имунизацијата против оваа болест. Резултатите се видливи, бидејќи низ децениите имаме константно намалување на вакви случаи во споредба со некогаш. Дека вакцините си ја завршиле својата работа, говорат фактите дека во земјава немаме дифтерија и полиомиелит во однос на земјите од соседството, а морбилите и другите заразни заболувања се сведени на миниум.“ – потенцира д-р Димитрова.

Нус-појавите се краткотрајни и минливи

Како што објаснува д-р Димитрова, секоја вакцина може да предизвика краткорајни несакани дејства како црвенило, оток, плачливост и покачена температура.

Сето тоа поминува и не е ништо во однос на она од што штити вакцината. Сериозните компликации се исклучително ретки и можам да кажам, дека во моето 30-годишно работно искуство, такви компликации од вакцина воопшто не сум видела.“ – објаснува д-р Димитрова.

Имунизација исклучиво со вакцини набавени од ресорното министерство

Вакцинацијата во Македонија е задолжителна и бесплатна, а се врши согласно календарот за имунизација. Вакцините кои ги примаат децата во земјава, се набавуваат исклучиво преку Министерството за здравство, а над истите се вршат редовни контроли.

Ресорното министерство набавува квалитетни вакцини од реномирани производители. Над истите се врши контрола, а под строги правила се транспортираат и доставуваат  во земјава. Со постојани мониторинг картици, се утрдува дали нивното чувањето било правилно. Често пати, родителите прашуваат дали можат на своја рака да ги набават вакцините од странство. Тоа е ризик, бидејќи вакцината донесена од надвор не гарантира квалитет, не се знае дали е чувана на одредена температура, дали е безбедно транспортирана, а истата може да нанесе штета врз здравјето на детето. Затоа, имунизацијата се врши само со вакцини набавени од Министерството за здравство.“ – истакнува д-р Димитрова.

Евидентирани неколку случаи на морбили во Македонија

За само една недела, во земјава се евидентирани неколку поединечни случаи на лица заболени со морбили, сите на возраст помеѓу 30 и 40 години. Како што потенцира нашиот соговорник, до 1983 година имунизацијата против морбили се вршела во една доза, што се покажало како недоволна заштита од оваа заразна болест.

Кога се видело дека заштитата не е комплетна, од 1983 година воведена е втора доза на вакцина против морбили. Во земјава, постојат т.н џебови, кога на едно одредено место имаме поголема популација на невакцинирани лица, плодна почва за појава и ширење на епидемија. Како што известија медиумите, лицата заболени од морбили се над 30-годишна возраст, односно имунизирани пред таа 1983 година.“  – потенцира нашиот соговорник.

ХПВ вакцината веќе не е „табу тема“

Иако во минатото ХПВ вакцината претставуваше „табу тема“ на која многу се дебатираше, во изминативе години се повеќе млади се одлучуваат да се имунизираат. Оваа вакцина штити од инфекцијата од ХПВ вирусот, кој се задржува во организмот и почнува да се развива во рак на грлото на матката.

Иако на почетокот постоеше отпор кон оваа вакцина, во последно време младите увидоа дека таа е корисна. Во февруари месец, ќе се изврши вакцинирање на девојчината од 12 годишна возраст од охридските основни училишта. Оваа вакцина не е ништо ново, бидејќи во Европа и светот се применува години наназад.“ – вели д-р Димитрова.

Анти-имунизационите лоби групи вршат забуна кај родителите?!

Анти-имунизационите лоби групи се повеќе се активни не само во медиумските простори, туку и на бројните интернет форуми, портали и социјални мрежи. Д-р Димитрова смета дека овие пропаганди против вакцинацијата, можат да доведат до враќање на смртоносните болести од минатото.

Преку своите кампањи вршат забуна кај родителите. Се шират по медиумите, луѓето, интернет просторот, пропагирајќи дека вакцините се штетни, дека можат да предизвикаат несекани дејства и дека истите содржат конзерванси. Можам да кажам дека конзервансите кои се наоѓаат во  храната, се истите оние кои ги има во вакцините. Во храната се многу поопасни, бидејќи во континуитет се внесуваат во организмот. Ние во нашето советувалиште, инсистираме на децата да им се дава природна храна, отколку конзервирани производи и сокови кои содржат вештачки бои и ароми и немаат ништо природно во себе. Ќе ги споменам смоките кои се омилени кај децата. Кога ќе се види декларацијата што точно содржат овие производи, родителите ќе увидат дека истите се многу поопасни од самата вакцина, која всушност има превентивна намена и штити од опасни болести.“ – вели д-р Димитрова.

Побиен митот за вакцината и појавата на аутизам

Во Македонија постојат лоби групи, кои вакцините ги поврзуваат со појавата на аутизам кај децата. Меѓутоа, последниот научен труд издаден од Американската академија на науките, докажува дека процентот на вакцинирани деца кои имаат аутизам е еднаков со оние кои не се вакцинирани.

За да се дојде до едно научно сознание кое држи, потребен е најмалку десетгодишен труд. Според последниот научен извештај од Американската академија на науките, вакцината нема никакво влијание врз појавата на аутизам. Докажано е дека тоа претставува генетско заболување, кое што се манифестира онаму каде има генетски предиспозиции.“ – вели д-р Димитрова

Аутизмот не е нова појава, ја имало и во минатото

Во последните неколку години, се повеќе се зборува на темата „аутизам“. Како што смета д-р Димитрова, зголемениот број на деца со аутизам се должи на тоа што во минатото столетие, ваквите случаи биле тотално непознати и се класифицирале во групата на лица со пречки во развојот.

Во минатото, аутистичните деца беа во една група која се нарекуваше деца со пречки во развојот. Сега се диференцирани како различни состојби, класифицирани во групи. Постојат размислувања дека во последно време е зголемен процентот на вакви слуачи, но тоа се должи бидејќи во минатото не се дијагностицирале како такви. За аутизмот почна да се зборува неоддамна, што не значи дека тоа е ново заболување.“ – вели д-р Димитрова.

Наскоро започнува проектот „Мајки“

Во првата недела од месец февруари, официјално започнува проектот на Црвениот крст од Охрид насловен како „Мајки“, во чии рамки експерти и врвни специјалисти од повеќе области ќе вршат бесплатни курсеви и практична настава наменета за идните доилки.

Ние постојано вршиме едукација на населението во врска со имунизацијата во форма на контакти со родителите, едукација по месните заедници и руралните средини. Секоја година, Светската здравствена организација ја одбележува „Неделата на имунизација“, во чии рамки се вршат активности како барање невакцинирани деца. Во моментов, со Црвениот крст Охрид сме во подготовка не еден проект насловен како „Мајки“, во кој меѓудругото, ќе има работилници во врска со имунизацијата, потребата од вакцинација, заштита и несакани дејства. Секоја мајка, ќе може да постави било какво прашање во врска со вакцинацијата, доењето, правилната исхрана итн.“ – завршува д-р Димитрова.

О.Т.