Како „натпревар на генерацијата” селекторот на женската ракометна репрезентација Гино Стрезовски го окарактеризира неделниот натпревар против Турција, последен во квалификациите за Европското првенство 2012 година.

На Македонија и е потребен и нерешен резултат со цел како второпласирана да обезбеди учеството на завршното натпреварување.

„Со победата против Литванија на гостински терен докажавме дека не е случајно тоа што на едно коло пред крајот на квалификациите се наоѓаме на втората позиција во групата. Оваа генерација ја има својата шанса со позитивен резултат да избори учество на Европското првенство во Холандија во декември годинава. Посакувам да им се реваншираме на Турчинките за поразот на нивни терен и да докажеме дека тогаш имавме „лош ден”, а не беше резултат поради разлика во квалитетот”, изјави Стрезовски на прес-конференција во петок.

Во недела неизвесен е настапот на повредените Марија Папуџиева и Јулијана Николиќ, а мали повреди имаат и Билјана Црвенковска и Робертина Мечевска.

Селекторот побара максимална поддршка од публиката во салата „Кале”, со цел исполнување на целта – пласман на ЕП.

“макфакс“
Ohridnews