Доколку е констатирано непочитување на законска одредба за исплаќање на празничната дневница, работодавецот со решение се задолжува тоа да го стори во рок од 15 дена, во спротивно следуваат казни чии износи се од 6.000 до 7.000 евра во денарска противвредност, пренесува „Макфакс“.


Како што рече министерот за труд и социјални политики Спиро Ристовски во саботата, најчестите злоупотреби на правата на работниците се случуваат за време за празници кога на сите ангажирани лица треба да им се исплати празнична дневница која е за 150 отсто повисока од регуларната.

„Меѓутоа, во реалноста сведоци сме на една поинаква состојба. Неисплаќањето на празнична дневница всушност значи една потешка злоупотреба на човечкиот труд кој останува нереално платен и ескплоатиран, а тоа е еден од најголемите демотивирачки фактори за самите работници, а од друга страна дополнителен нерегуларен профит за работодавците“, рече Ристовски најавувајќи дека и во 2013 година, Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со „немилосрдна борба против вработувањето на црно и сите останати нерегуларности во делот на работни односи и безбедност при работа“.

Министерот го презентираше податокот дека во сферата на работните односи во 2012 година биле извршени вкупно 29.867 испекциски контроли, од кои 24.346 биле редовни а 3.578 контролни инспекциски надзори и 1.943 надзори по барање од странки.

Во областа на безбедност и здравје при работа биле извршени севкупно 12.680 инспекциски надзори, од кои 9.257 редовни, 138 надзори од законот за пушење, 3.143 контролни инспекциски надзори и 142 инспекциски надзори по поднесени претставки.

„Во 2012 година регистрирани се десет смртни случаи и нема колективни повреди на работа, што исто така претставува намалување во однос на 2010 и 2011 година кога имаше 12 смртни случаи на работни места“, потенцираше министерот Ристовски.

OhridNews