Потребна е поголема вклученост на институциите на локално и национално ниво во поглед на заштитата на културно-историското и природно богатство. Законите да се применуваат, да се санкционира, но и да се формира тело во Охрид кое ќе комуницира директно со УНЕСКО за сите проблеми. Да се намали урбанизацијата, притисокот врз Охридско Езеро со пловила и загадување, масовниот туризам да се замени со одговорен туризам, и да има има поголема едукација на граѓаните, особено на најмладите за уникатните вредности на Охрид поради што тој е под двојна заштита на УНЕСКО како светско културно и природно наследство . Ова беше потенцирано од страна на стручната фела на трибина „Охрид 45 години светско културно наследство под заштита на УНЕСКО“ што се одржа вчера на Светскиот ден на биолошката разновидост во организација на Здружението на граѓани „Eco Balance Tree“, со поддршка на Општина Охрид, а под медиумско покровителство на OhridNews.
Трибината ја отвори Хавза Реџеп Какел, претседател на здружението „Eco Balance Tree“ која го истакна значењето на заштитата на културното и природното богатство како вредности по кои Охрид е познат во светот и дека обврска на сите нас е да се грижиме ова наследството создавано со миленимуми да го зачуваме за идните генерации.
Археологот, научен работник и истражувач Паско Кузман ја потенцираше староста на Охрид потврдена со научни докази, осврнувајќи се на аспектот на заштита, посочувајќи дека е неопходно градот да формира стручно тело кое ќе комуницира со УНЕСКО и ќе се занимава со решавање на проблемите.
Градот, научно потврдено со испитувања, функционира непрекинато речиси 8000 илјади години што е фасцинантно. Охрид е жив град и треба да водиме сметка и за неговите жителите и за правилата кои ги пропишува УНЕСКО. Оттаму потребна е соодветна заштита која подразбира интеграција на старото со новото. Треба да го зачуваме тоа што е старо изградено, да го конзервираме и на него можеме да градиме ново, но во познатиот стил, староградската архитектура. Во Охрид во рамките на општина Охрид треба да се формира еден Борд кој специјално ќе комуницира за сите проблеми со УНЕСКО и кој ќе го сочинуваат архитекти и други професионалци. Штета е да немаме таква група на луѓе кои директно ќе одговараат на обврските на УНЕСКО и директно овде ќе водат сметка за заштитата, архитектурата, вредното наследство, но и за чистотата, со казни ако треба, рече Кузман.
Додаде дека закони имаме, но оти свеста треба да се подигне и законите да функционираат, посочувајќи дека без закон и без санакционирање нема спас за Охрид.
Несомнено градот Охрид и Охридското Езеро заслужено се ставени на мапата на заштитено културно и природно наследстсво на УНЕСКО посочи Орхидеја Тасеска, директорка на Хидробиолошки институт Охрид.
Охридското Езеро е број еден во светот по својот биодиверзитет односно по бројот на ендемични видови. Ставено е на листата на УНЕСКО бидејќи исполнило голем број на критериуми за да биде прогласено за светско и природно културно наследство и сметам дека треба да се вложи се за да биде заштитетен целиот жив свет во езерото. Мораме да го гледаме и од научно значење Охридското Езеро, не само како објект за туризам, како акумулација за производство на електрична енергија или за водоснабдување. Многу често се соочуваме во комуникација со општата јавност на негативен став зошто ни е потребно УНЕСКО и дали е потребно Охрид да остане на листата на УНЕСКО како заштитено подрачје. УНЕСКО не е тој нас што не ограничува, туку ризница на идеи како ние да се справуваме со заканите со кои се соочува заштитениот регион. Мораме од тој аспект да го гледаме УНЕСКО, како зајакнување на нашите капацитети за справување со ризици, соодветна заштита на природното наследтсво и негово одржување. Во нашата држава Охридското Езеро не е на местото на кое заслужува да биде и по однос на заштитата и по однос на вреднување, потенцираше Тасеска.
Посочува дека еден од најголемите недостатоци во заштитата, е што нема тело за управување со Охридско Езеро како заштитено подрачје.
Беа направени во минатото обиди за донесување на Закон за управување и други акти, но за жал се тоа е некаде заглавено во административни процедури. Што побрзо се направи тело е чекор напред во насока на зачувување на природната реткост. Бројни се заканите со кои се соочува Охридското Езеро почнувајќи од засилено загадување на езерото, рапидна урбанизација, се поголемиот број на пловни објекти, зголемениот излов односно криволов со кој се соочуваме децении наназад, контролирано искористување на водите од Охридско Езеро за производство на електрична енергија. Сето тоа мора да биде запрено, децидна е Тасеска.
УНЕСКО ни дава препознатливост, тоа подразбира и обврски, а носи и ризици со кои мора да се справиме, вели Нина Кепеска, новинар и туризмолог.
Иако се уште се зборува за одржлив туризам, тоа сега веќе се надминува, збогатува со регенеративен туризам. Новите хоризонти во туризмот се, не само да се зачува природната средина, езерото, културно-историското добро, тоа што е заштитено од УНЕСКО, туку и да се обнови, да се збогати и да се подобри. Не само вклучените во туризмот, туку и самите туристи треба да се едуцираат и да знаат дека може да дојдат тука и да помогнат нешто да се подобри, преку промоција на еко хотели, туроператори со зелен сертификат… да се вклучуваат во активности во кои со средствата кои ги оставаат ќе се одржува добрата симбиоза меѓу заедницата, природата и културно- историското добро. Тоа треба некој да го менаџира. Потребно е системска реализација на работите со вклучување на институциите и на локално и државно ниво, кои сметам дека не се доволно вклучени за жал. Крајно време е да го сочуваме изворот од каде потекнува туризмот, езерото како природно наследство, културно-историското добро и се тоа поради кое Охрид е познат да трае, вели Кепеска.
Потенцира дека прекумерниот туризам многу наштетува и при тоа треба да се води сметка колку средства ќе се добијат од туризмот, а колку може да се изгуби неповратно и кога ќе се избалансира тоа во секоја сфера, тогаш ќе го фатиме, вели, правиот пат.
Емил Јовановиќ, подводен истражувач, нуркач, фотограф и член на Клуб за подводни дејности Охрид, посочи дека уникатноста на Охридското Езеро го нема никаде во светот од нуркачки аспект.
Во езерото може да се види уникатен жив свет. Туристите се фасцинирани од тоа што го имаме. Но, секој ден гледаме се поголема урбанизација и узурпација на езерото. Има многу бродови, катамарани. Се тоа треба да се ограничи и надвор и во езерото зошто се помалку и помалку ќе ги гледаме видовите на жив свет во езерото. Не гледаме тоа што треба да оставиме за следните генерации. Моментално гледаме да се збогатиме. Последните години почнаа да се појавуваат неколку инвазивни видови риби во езерото кои никогаш не живееле тука кои ќе им наштетат на постоечките. Мора да ги заштитиме автохтоните видови, водата да не се испушта енормно. Мора нултата точка да се следи и да се внимава како се управува со оваа непроценлива природна реткос, вели Јовановиќ.
Охрид, истакна Јовановиќ, се продава како туристичка дестинација многу евтино. Тоа не треба да биде така, треба да се ограничи бројот на туристи, ни требаат помалку, но поквалитетни гости кои ќе знаат да ги ценат вредностите кои ги поседува регионот.
Трибина „Охрид 45 години светско културно наследство под заштита на УНЕСКО“
Охрид не е скап, туку скапоцен и таков треба да ни биде односот кон него, беше истакнато на трибината што се одржа во х. „Чинго“ во Охрид. Модератор беше новинарот Горан Момироски, а свои ставови искажаа и присутните, потенцирајќи дека покрај издигнување на заштитата на повисоко ниво од страна на институциите, неопходно е да се работи на подигнување на свеста кај граѓаните и пред се на едукација на најмладите за значењето на културното и природното наследство кое го поседува Охрид. Тогаш и односот и заштитата кон културното и природното богатство ќе бидат поинакви, рекоа учесниците на трибината.
Трибината „Охрид 45 години светско културно наследство под заштита на УНЕСКО“ ја видео документираше екипа на Охридњуз и ќе биде емитувана идната недела на платформита на порталот на YouTube и социјалните мрежи.
Н.С.Ј.
фото.А. Момироска