Надлежните служби се уште не ги имаат откриено причините за вчерашниот инцидент на плажата кај Канео кога повеќе капачи се пожалиле на здравствени проблеми, но сомнежите се дека се работи за струен удар предизвикан од дефект на инсталација. За каков дефект станува збор денеска никој не знаеше да каже со точност.


Жителите на населбата Канео вознемирени од инцидентот, раскажуваат дека лицата кои се пожалиле на здравствени проблеми кажувале дека нешто ги здрмало во вода. Тие велат дека пумпите од колекторскиот систем често се во дефект и дека фекалии истекуваат во вода, што во допир со струја може да предизвика струен удар.

-Кажуваат дека струја ги фатила луѓето во езеро, ги тресело нешто. Пумпите од колекторт неколку дена не работат. Можно е да има некаков спој ако се поплавени пупмите, вели Наум Мато – жител на Канео.


Хусеин Ќато раководител на одржување и изградба на канализационен систем во ЈП „Нискоградба“ изјави дека синоќа имало механички дефект на една од пумпите во населбата Канео, но не и проблем со струјата. Тој тврди дека дека инцидентот не е предизвикан од пумпите, кои, како што рече, се контролираат и одржуваат 24 часа на ден.

-Инцидентот како што разбрав од нашите работници не бил кај пумпите туку кај бифињата околу. Ние имаме пумпна станица која работи со тековни проблеми, кои се отстрануваат, меѓутоа со струјата нема никаков проблем.- рече Ќато.


Жителите на Канео се жалат дека системот за одведување на фекални води од населбата е несоодветен и дека постојано има проблеми и дефекти од кога е поставен, што предизвикува излевање на фекалии во Езерото.

–  Ова е трет – четврти пат како тече јамата во Канео. Имам три деца едното го носев деновиве на ушно имаше инфекција. Водата е мрсна и сега има трева на дното, а во Канео никогаш немало немало трева. Водата е загадена и нема што повеќе да криеме, изјави Ирак Каневче, локален жител.


Од ЈП „Нискоградба“ велат дека сегашното решение за одведување на фекалните води во населбата Канео е изнудено, затоа што местоположбата на колекторот не дозволува друг пристап, но дека тој е функционален.

-Од време на време може да дојде до мали истекувања во езерото, но благодарение на тој систем ние денес имаме вода од прва категорија во најголем дел, вели Ќато.


По инцидентот за кој пишуваше OhridNews, екипи на Заводот за здравствена заштита денеска излегоа на терен да го проверат квалитетот на водата во езерото кај Канео, а проверка се врши и на заземјувањето на околните објекти со цел да се отстрани евентуалниот дефект кој би можел да предизвикува струен удар.