Со положување цвеќе пред споменикот на Револуцијата во Струга и на бистите на паднатите борци на кејот на реката Црн Дрим, денеска се одбележа Денот на ослободувањето на градот од фашизмот – 8 Ноември.

Претседателот на Сојузот на борците на Народноослободителната и антифашистичката војна на Македонија во Струга Ајредин Мемеди честитајќи им го Денот на ослободувањето на своите сограѓани, истакна дека им оставаат аманет на следните генерации да го чествуваат и почитуваат овој ден.
Оставаме аманет на следните генерации да го чествуваат и почитуваат овој голем ден, зашто е во чест на сите кои ги положија животите за слободата на Струга. На борците од Втората светска војна, борците, кои ги дадоа своите животи за слободна, самостојна Македонија, кои се изборија за слободен град. Се поклонуваме и им оддаваме почит за нивното херојство, нивната жртва, за тоа што го дадоа за својот град. Им благодариме за идеите, за потребата да си свој на своето. Ветуваме дека како генерација ќе се грижиме за почитта кон нив, да не бидат заборавени, рече Мемеди.
Според него, над 380 лица го дале својот живот за слободна Струга, во тешка и неизвесна борба со окупаторот.

Денес Струга е модерен град. Град што блика со својата светлост и убавина, град на две води, на мостовите и поезијата, пример за мултиетничка и мултикултурна толеранција.
OhridNews












