Градоначалникот на Општина Струга, Менди Ќура, потпиша договор за соработка со директорот на Општата болница во Струга, Владимир Бунчески, со цел поттикнување на превентивните прегледи и подигање на свеста за раното откривање на ракот на дојка

Со оваа иницијатива, вработените жени во Општина Струга ќе бидат охрабрени да направат превентивен преглед, со можност да одвојат време во текот на работниот ден за грижа за сопственото здравје, информираат од Општината.

Градоначалникот Ќура, додаваат, упатува повик до сите јавни институции и приватни компании да го следат овој пример и да ги мотивираат своите вработени за редовни превентивни прегледи.

Нашата цел е секој октомври да стане традиција – месец во кој секоја жена ќе има можност да одвои време за преглед на дојките. Раното откривање спасува животи. Грижата за здравјето е наша заедничка одговорност, посочува Ќура.

Во рамки на активностите по повод „Розов октомври“, во Европската куќа во Струга на 22 октомври со почеток во 16 часот ќе биде одржан настанот посветен на жените и нивните лични искуства во соочувањето со ракот.

Преку споделување лични приказни и тематска изложба „Жени и борба со ракот“, сакаме да ја истакнеме важноста на поддршката, солидарноста и свесноста за раното откривање на болеста, посочуваат од Општината.

Порачуваат дека секоја приказна заслужува да биде слушната, а ниту една жена не треба да се соочува со предизвиците сама.

OhridNews