Општина Струга во текот на оваа година ќе изгради кружни текови на крстосницата Ќафасан-Дебар и на крстосницата на Источно колекторската магистрала Струга-Ќафасан.
Ова е предвидено во „Програмата за изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на локалните патишта во општина Струга за 2015 година“. За изградба на кружните крстосници од општинскиот Буџет ќе бидат издвоени околу 320 илјади евра или точно 20 милиони денари.
Во делот на патната инфраструктура, струшката локална самоуправа во текот на оваа година, планира да го асфалтира патот Мислешево-Мороишта-Драслајца-Октиси и патот Мислешево-Требеништа. Исто така предвидено е и асфалтирање на регионалниот пат Струга-Дебар-Пискупштина и патните правци Мороишта-Волино, Безево-Јабланица, Вишни-Г.Белица и Делогожда-Ново Село. Планирано е и пробивање на пат Леништа-Лабуништа-Бачила и изведување на крак од Пискупштина-Безаво и Пискупштина-Нерези.
Од Буџетот на општина Струга планирано е да бидат издвоени и 2,8 милиони денари за изведување на улици во селото Велешта како и 4 милиони денари за асфалтирање на улици во Струга.
Во програмата се предвидени и средства за изградба на пешачка и велосипедска патека на потегот Струга-Добовјани-Ташмаруништа, Струга-Калишта, Струга-Сатеска и Струга-Теферич-Радолишта.
За реализација на сите инвестиции кои се предвидени во оваа програма ќе бидат потребни вкупно 107.600.000 денари. Од нив 93.600.000 денари ќе бидат обезбедни од Буџетот на општина Струга, а 14.000.000 денари од Агенцијата за државни патишта преку проект од Светска банка.
OhridNews