Протести против полициската акција за расветлување на петкратното убиство кај Смилковското Езеро, во Струга денеска немаше. Верниците муслимани не се одзваа на повиците упатени преку социјалните мрежи и по петочната молитва во струшките џамии мирно се разотидоа.
Во градот забележливо беше зголемено присуство на полицијата, како и бројни новинарски екипи. Дел од верниците им забележаа на медиумите зошто ги вознемируваат за време на религиозните обреди, други пак отворено зборуваа за состојбите кои ги подигнаа меѓуетничките тензии во државата.
-Македонија е на сите нас и за да одиме напред секој треба да ужива права. Треба да биде братство и единство затоа што Македонија не е само на Македонците, таа е на сите нас, а ако не саката тогаш „довиѓења“ секој на свое, изјави повозрасен граѓанин на Струга.
Во центарот на Струга денеска беше раздвижено, но мирно, а впечатливо беше тоа што ги немаше националните знамиња на јарболите пред зградата на општината.
За разлика од Струга протести денес имаше во Скопје, Тетово и Куманово.
Г. Момироски
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com