Тројцата неразделни пријатели, Јосиф, Кире и Јоско, заминаа во вечното почивалиште заедно. Нивната ненадејна смрт ја шокираше Струга. Граѓаните вчера попладне во километарски колони им одаваа почит на трагично починатите сограѓани кои беа погребани во исто време на Градските гробишта во Струга. Во градот владее траорна атмосфера. Во Струга овој 13-ти септември е Ден на жалост, а знамињата се на половина копјe. Тројцата настрадани беа видни граѓани, врвни стручњаци, спортисти, сопрузи, родители, пријатели. Д-р Јосиф се подготвувал за учество во воена мисија во Авганистан со контингент на АРМ, а некогашниот пливачки рекордер Кире не се откажувал од плановите за возобновување на струшкото пливање. Сите тие имаа уште многу планови и желби кои ќе останат неостварени, велат стружани кои се уште со неверување ги прераскажуваат информациите за големата несреќа. Бараат одговор, но и одговорност. Велат дека случајот треба да се расчисти до крај, но и конечно да се воведе ред во градот

Со случајот ќе треба да се позанимаваат и инспекциските служби но и истражните органи. Градоначалникот Рамиз Мерко вели дека одредени објекти кај градската плажа немаат дозвола, но тоа било за поставување урбана опрема. За објектот каде се случи несреќата рече дека не знае кој го стопанисува и дека треба точно да се провери целата ситуација на терен. Најави дека тоа ќе го стори општинската инспекција и тоа уште денес.

Одговорност се разбира имаат и медиумите и тоа голема. Но дел од нив како и многу пати до сега повеќе сакаат да ја “освојуваат“ публиката со ексклузивна некрофилија и гнасни шпекулации за тоа како се случил настанот, а патем и не отишле да го проследат. Ова е време на изместени вредности и неморал, на уплашени интелектуалци, квази патриоти и лажни херои. Дали утре ќе биде пинаку зависи од нас самите и од нашата одговорност.











