Со антологиската Т’га за југ, која ќе ја рецитира потомокот на браќата Миладиновци, Ристе Миладинов, утре вечер во Струга ќе започнат 51-те Струшки вечери на поезијата.

Во градот на поезијата веќе пристигна лауреатот, јужноафриканскиот поет Монгани Вали Сероте, кој согласно традицијата, утре, во паркот на поезијата ќе засади дрвце.

-Јужна Африка од нас е далеку, а со доделување на оваа награда ние на некој начин сакаме нивната поетика, дух и менталитет да го доближиме до нашите читатели. Монгани Вали Серот не е само поет, тој е и политички активист кој за време на апартхејдот бил изложуван на многу репресии и затворан по затвори и таа негова борба се отсликува во неговата поезија, истакна претседателот на СВП, Славе Ѓорго Димоски.


На фестивалот учество ќе земат 120 странски и домашни поети, а Струга е подготвена да ги прими, истакна директорот на манифестацијата Мите Стефоски.

-Подготовките се завршени и очекуваме успешно издание на фестивалот, изјави Стефоски.


На денешната прес конференција беше соопштена одлуката на Агенцијата за ислеништво која ја доделува наградата за „Стојан Христов“ за најдобра поетска книга напишана на македонски јазик од поет-иселеник. Неа годинава ја доби Ивица Челиковиќ кој живее во Шведска за книгата „Праг и огледало“.

OhridNews