Општата болница од Струга се најде на листата на јавни здравствени установи со најдобри достигнувања во 2013 година. Според податоците, кои денеска ги објави Министерството за здравство, освен струшката болница на оваа листа се наоѓаат и клиниките за гастроентерохепатологија, уво, нос и грло, торакална и васкуларна хирургија, за хируршки болести „Св.Наум Охридски”, за психијатрија, Клиничката болница во Штип и општите болници во Гевгелија, Велес и Кочани.

Листата на најдобри здравствени установи е направена врз основа на Избалансиран приказ на постигнувањата (Balanced Score Card), кој започна да се применува во 2013 година, како една од најсовремените стратешки алатки за следење на работата на јавните здравствени установи во Република Македонија. Станува збор за алатка со која се евалуираат постигнувањата на менаџментот на секоја здравствена установа, преку следење на четири области: финансии, пациенти, клинички фокус, развој и обука.

На презентацијата на резултатите министерот за здравство Никола Тодоров рече дека Клиниката за гастроентерохепатологија ги постигнала сите предвидени таргети по индикаторите, односно работи без долгови, не го надминува буџетот за лекови и медицински потрошен материјал, поттикнува воведување на нови интервенции и научна работа, и согласно спроведените анкети пациентите се задоволни од здравствените услуги, а Клиничката болница во Штип има најголеми достигнувања од областа на финансиите.

-Кај здравствените домови во топ 5 се издвоија Здраствените Домови во Валандово, во Скопје, Берово, Делчево и Пехчево. Меѓу специјалните болници, најдобри постигнувања има Специјалната болница за белодробни заболувања и туберкулоза – Јасеново, потоа Заводот за физикална медицина и рехабилитација со целосно исполнети таргети по индикаторите во областите на пациенти и клинички фокус, како и Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, кој и покрај зголемениот број на пациенти, бележи намалување на долговите, рече Тодоров.

Тој најави дека за 2015 година, развиваат нова методологија со утврдени национални индикатори, како и индивидуални индикатори на успешност за секоја јавна здравствена установа, а предвидени се и поголем број индикатори во сите области.

Со последните измени на Законот за здравствена заштита, системот за Избалансиран приказ на постигнувањата на ЈЗУ, е ставен во законска рамка, односно станува законска обврска според која ќе се евалуира менаџментот на јавните здравствени установи. Согласно измените, директорите на ЈЗУ се должни да организираат и обезбедат тековно прибирање и обработување на податоци потребни за мерење на клучните индикатори на успешност, како и внес на податоците во интегрираниот здравствен информатички систем најдоцна до петти секој месец за претходниот месец.

OhridNews