Преку контроли и превентивни мерки Одделението за внатрешни работи – Струга ќе работи на спречување на пукање од огнено оружје на семејни веселби, неовластена употреба на огномети и користење пиротехнички средства на свадби и други веселби.

Портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски денеска информира дека сите вакви нелегални активности ќе бидат соодветно санкционирани со поднесување соодветни прекршочни и кривични пријави.

ОВР Струга отпочна со засилени контролни активности за откривање и санкционирање на пукање од огнено оружје, неовластено употреба на огномети и користење на пиротехнички средства на свадби и други свечености. Ќе се преземаат контроли, превентивни и репресивни мерки за спречување на оваа незаконска појава која значи нарушувања на јавниот ред, на семејни веселби со пукање од пиштоли и друго огнено оружје, неовластено приредување огномети, односно употреба на разновидни пиротехнички средства, истакна Димоски.

Пукањето, појасни, е спротивно на Законот за прекршоци против јавниот ред и мир, а паричната глоба за ваков вид прекршок, се движи од 200 до 500 евра. Покрај тоа, зависно од последиците, пукањето може да претставува и кривично дело „предизвикување општа опасност“, за кое е предвидена и затворска казна од една до пет години.

Потсетуваме дека свадбените огномети треба задолжително да се пријават во полициските станици или одделенија на подрачјето на кое се организираат, во зависност од нивната категорија, а организаторите навреме да ги спроведат пропишаните превентивни мерки, рече Димоски.

Упати апел до граѓаните, свадбите и другите семејни веселби, да ги слават без употреба на оружје со што, ќе ги избегнат опасностите од нивната употреба по животот на славениците и ќе овозможат безбедно прославување на семејните прослави.

OhridNews