Второто издание на Меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“ ќе се одржи од 3-ти до 5-ти јули 2014 година во Струга. Овие средби кои ги организираат Здружението „Бран“ и списанието „Бранувања“ од Струга и оваа година ќе понудат богата програма.

Во рамки на првиот ден од средбите, во Вевчани ќе се одржи промоција на книгата „Вевчаница“ од Миљурко Вукадиновиќ.

Вториот ден од манифестацијата во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, ќе биде поставена Изложба на фотографии од Петар Ставрев од Битола, по што ќе се одржи настап на групата „ЕГЗИЛ“.

Отворањето на „Струшките книжевни средби“ ќе биде проследено со промоција на наградените книги „Куќички“ од Марина Мијаковска-добитник на наградата „Крсте Чачански“ за 2014 година и „Прашалник“ од Христо Петрески-добитник на наградата „Јован Котески“ за 2014 година. Во Спомен домот на Миладиновци ќе се одржи Симпозиум „Книжевна Пловидба“ – „Струшки книжевен феномен, закономерна книжевност од Миладиновци до денес“.

На тема „Придонесот на струшко-охридските писатели во развојот на македонската драмска литература“ ќе се говори за: Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Иван Точко, Радослав Петкоски и Живко Чинго.

Во Библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид, ќе се одржи промоција на книгата „Нова приказна“ од Мерсиха Исмајлоска.

На 5-ти јули, во црквата „Свети Ѓорѓија“ во Струга ќе се одржи Поетски митинг „Струшки книжевни бранови“, при што ќе биде прогласена најдобрата прочитана песна и ќе бидат доделени награди.

OhridNews