Сите кои барем малку го следат ракометот во нашата земја знаат што значи ракометна Струга за најуспешниот македонски колективен спорт. Вистински расадник на ракометари кои во минатото, а и во моментов ги бранат боите на најголемите македонски клубови и секако националната селекција.

Во овој момент десетина од нив настапуваат во неколку екипи во нашето првенство, а од нив дури  седум ги бранат боите на Металург и се моторот на тимот кој минатата сезона ги достигна европските височини и предизвика вистинска ракометна еуфорија во нашата Македонија.

Наумче и Златко Мојсовски, Ацо Јоновски, Велко и Никола Маркоски, Гоце Ојлески и најмладиот Никола Костески моментално на Златибор се подготвуваат за овогодинешните искушенија на Металург,  но со своите мисли веќе се во Струга, на местото каде ги направиле своите први ракометни чекори и на теренот на кој за прв пат имаа шанса пред ракометна Македонија да покажат што знаат и умеат.

  -„Навистина сме многу благодарни на сите луѓе во и околу клубот што сите овие години на ваков или онаков начин помогнаа во неговиот развој и ни овозможија на сите нас кои сме родени во Струга  постигнеме нешто за што сонувавме од најрана возраст, а тоа е да играме во најдобрите наши клубови и да ги браниме боите на нашата земја Македонија.“ – вели „струшкото топче“ Наумче Мојсовски кој како и останатите со нетрпение го очекува стартот на турнирот кој оваа година ќе се одржи од 14 до 17 август на отвореното ракометно игралиште „Женска плажа“ во Струга.

 – „Годинава турнирот е навистина квалитетен и ветува големо ракометно уживање и неизвесност во врска со крајниот победник. Временските услови се одлични, а Струга со езерото нуди комплетно летно уживање“ – додава најдобриот европски ракометен „бедем“ Јоновски /В. Марковски.

Ohridnews