Струшките советници во иднина ќе работат во подобри и посовремени просторни услови. Ова се должи на одлуката за реконструкција на собраниската сала на Советот на општина Струга, која најверојатно ќе треба да започне во текот на првите месеци од 2015 година.

Според Огласот за доделување на договор за јавна набавка кој го објави општина Струга преку Електронскиот систем за јавни набавки, реконструктивните зафати на оваа просторија ќе чинат околу 37 илјади евра или точно 2.322.033 денари.

На јавниот оглас се бараат изведувачи за реализирање на градежни работи; за набавка, транспорт и монтажа на врати и прозорици; за набавка и инсталација на техника; за набавка, транспорт и монтажа на мебел; за вградување и монтажа на платформа за советниците и платформа за претседателството; за поставување на водоводна и канализациона инсталација и за поставување на електрика.

Понудите за доделување на договорот за јавна набавка, кој е делив, ќе може да се доставуваат најдоцна до 29-ти декември 2014 година до 10 часот, а јавното отворање на истите ќе се одржи во просториите на општина Струга во истиот термин, кога ќе заврши предвидениот краен рок.

Критериум за доделување на договорот за јавна набавка ќе биде најниската понудена цена, а при изборот на јавниот партнер ќе се користи електронска аукција.

OhridNews