Советот на општина Струга, на седницата одржана денеска, со гласовите на ДУИ, ДПА и ПЕИ, ја усвои одлуката за легализација на 14 од предложените 15 објекти изградени на крајбрежјето. Според советниците кои беа против предлогот, донесената одлука не е во согласност со законите, бидејќи, како што рекоа, со легализацијата се опфатени локации каде согласно одлуките на советот е предвидено поставување на урбана опрема, а не изградба на објекти.
-Има повеќе објекти, но како и да е инспекциските служби треба да си ја работат работата, општинската администрација не треба да се вади на нас, бидејќи ние сме тие кои ги носиме одлуките по кои тие треба да постапат, односно објектите да се градат на начин пропишан во правилниците.-рече Никола Затуроски – советник од ВМРО ДПМНЕ.
За дел од објектите кои се предмет на легализација беше поведена и кривична постапка, со која беше опфатен и струшкиот градоначалник. Првиот човек на Струга, не гледа ништо спорно во одлуката на Советот, бидејќи, како што вели, истата треба да ја потврдат и одобрат уште и општинската комисија за легализација и градоначалникот.
-Советот не носи одлука за легализација на било кој објект,туку дава можности после Локалната самоуправа да предвиди доколку е можно истите да ги вклопи во Деталните урбанистички планови, рече Мерко.
Дали ќе бидат легализирани сите објекти, вклучително и тие кои беа предмет на истрага, Мерко вели дека за тоа нема да одлучува тој, туку идниот градоначалник.
Денешната седница на Советот на општина Струга беше последна во овој состав.