Триесет и едногодишен жител на Струга се повредил при риболов со харпун во водите на Охридското Езеро, информира СВР Охрид.

Според информациите, на 18 јуни во 22:25 часот во Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“ во Охрид било пријавено дека лицето, додека ловело риба со харпун во близина на автокамп на охридското крајбрежје, сам се повредило.

По пријавата, полициски службеници презеле мерки и активности и го пронашле повредениот, по што со возило на Итната медицинска помош бил пренесен во Општата болница во Струга, каде бил задржан на лекување.

По наредба на јавен обвинител, одземени се харпунот и целокупната риболовна опрема за понатамошна постапка. По целосното документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.

OhridNews