Невладината организација Каприкорн 2010 која во очи празникот 11 Октомври самоиницијативно започна со поставување на државни знамиња на објекти, домови и на уличните јарболи предвидени за таа намена, заработи опомена од комуналната инспекција. Претходно комуналните служби ги симнале државни знамиња, но и албанските знамиња поставени на крстосницата на влезот од градот, со образложение дека тие ја загрозувале безбедноста на сообраќајот.

-Ние започнавме да ги поставуваме знамињата и на бандерите кои се наменети за тоа. Но набргу дојде комунален инспектр не опомена да прекинеме со таа активност, а ние така постапивме, за по неколку часа општинската власт да испрати други лица да постават албанско знаме веднаш до македонското што нас не ни пречи, законската одредба така кажува.- изјави Васко Јолески од НВО Каприкорн 2010.

Надлежниот инспекторат најавил дека ќе поднесе пријава за нарушување на комуналниот ред против активистите на Каприкорн, но како што тврдат од невладината организација, случајот се завршил со опомена.

-Имаше најпрвин најава за пријава, но потоа добивме опомена и така се заврши, додаде Јолекси.

Според невладината Каприкорн 2010, нивната иницијатива за поставување на државните знамиња во Струга имала ефект затоа што по 8 години, општината почнала да постапува согласно Законот за празници.

-Убедени сме дека општинската власт сериозно ја сфати нашата порака, а имаме и ветувања од нив дека понатаму ќе ги поставуваат државите знамиња како што е законот.-рече Јолески.

Невладината Каприкорн набавила 700 државни знамиња. Дваесетина таа отстапила на јавното комунално претпријатие, а останатите им ги поделила на граѓаните на Струга да ги постават на своите домови. По повод државниот празник 11 Октомври на јарболите на главните улици во Струга се поставени знамиња на Република Македонија кои се веат заедно со знамето на Албанија. 

Г.М.