Граѓаните на Струга денеска повторно излегоа на протест со цел да го свртат вниманието на надлежните кон проблемот со дивата депонија во близина на градот, која синоќа повторно гореше.
Утрово во градот силно се чувствуваше непријатна миризба, се пожалија учесниците на протестот. Тие бараат итна санација на депонијата која тлее уште од велигденските празници, а чие гаснење е отежнато поради непристапниот терен.
-Градов неподносливо смрди на запалено ѓубре. Вака е три месеци, зависи како дува ветрот така го носи чадот или кон градот или кон други насeлени места, не можеме ни пенџере да отвориме. – рече Јованчо Угреновиќ.
Стружани стравуваат дека проблемот со дивата депонија, освен на нивното здравје, негативно ќе се одрази и на претстојната туристичка сезона. Велат дека ќе продолжат со протестите, а доколку властите не преземат конкретни мерки, најавуваат нивна радикализација, но и граѓанска непослушност и неплаќање на сметките кон јавното комунално претпријатие.
-Прво барање е гаснење на депонијата час поскоро, второ е да се воведе надзор со камери и чуварска служба, доколу не може да се испраќаат полициски екипи на секој половина час. – истакна Јаков Попоски.
Вчера Струга ја посетија министрите Дураку, Шапуриќ и Мерко кои истакнаа дека проблемот е долгогодишен и не може брзо да се реши. Најавија дека на тоа ќе работат експертски групи, како и помош од владата.
Г.М.