Неизвесното отворање на 52-то издание, промената на местото на одржување на  концертот на Леб и сол Simphony во последен момент, како и променливите временски услови, ги натераа раководството на фестивалот „Охридско лето“ и Министерството за култура да размислуваат за алтернативни решенија.

Центарот за култура „Григор Прличев“ засега е единствената затворена професионална сцена која служи како алтернатива во случај на неповолни временски услови, но таа ни од далеку не може да го замени амбиентот на Античкиот театар, Долни Сарај, или предворјето на Св. Софија. Затоа организаторите на најзначајната културна манифестација во земјава, размислуваат за покривање на сцените каде настапуваат уметниците на Античниот театар и Долни Сарај, додека гледачите во случај на дожд ќе добиваат наметки за еднократна употреба.

-Ние веќе подготвивме апликација до Министерството за култура  заедно со Завод и Музеј кој е носител на проектот кој ќе се одвива во две фази. Реализацијата ќе започне следната година. Автентичноста на културно историските споменици кои се кортистат како летни сцени не се губи, туку ќе се постави монтажна конструкција  само на сцената каде настапуваат уметниците и тоа исклучиво при врнежи, објасни директорката на фестивалот Елизабета Јанкуловска.

Таа истакна дека внимателно се анализирале светските искуства на културни, спортски и слични настани кои се одвиваат на отворено, но целта е да се изнајде решение со кое нема да се наруши целокупниот амбиент, нагласи Јанкуловска.

Сепак покривањето на просторот на кој настапуваат уметниците на летните сцени, не е алтернатива на затворена мултифункционална сала, која е неопходна како за фестивалот Охридско лето, така и за одржување на други културни настани во Охрид.

OhridNews