Советот на општина Охрид ја поддржа иницијативата за прогласување на заштитеното подрачје „Студенчишко блато во категорија- Споменик на природата“, што треба да придонесе за спас на остатоткот од овој значаен еко систем.
Од некогашните 40-тина хектари, денес од Студенчишкото блато остана површина од околу 25 хектари. Голем дел од ова природно живеалиште на голем број видови флора и фауна, меѓу кои и ретки видови, под влијание и разни активности на човекот е уништен во изминатите децении. На некогашното блато денес има станбени комплекси, спортски центар, а во срцето на овој важен дел од еко системот се сместени управната зграда на ЈП „Охридски Комуналец“ и дендролошкиот расадник, како и армиски и полициски објекти. Со изградба на асфалтната патека од Охрид до Горица прекинат е и природната комуникација на езерото со блатото каде се мрестеа автохтоните видови риба, како што е крапот. Дел пак од блатото е претворен во депонија што сериозно го загрозува опстанокот на живиот свет, за што говори и фактот што веќе се исчезнати неколку видови ретки растенија, меѓу кои и препознатливиот жолт локвањ и белиот лотос.
Ваквата состојба, ги алармира надлежните институции кои неодамна започнаа со реализација на Проект за заштита на остатотокот Студенчишкото блато на Охридското Езеро, како дел од Проектот за заштита на биодиверзитетот на езерата во Дримскиот Басен.
Проектот што го иницираше Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро со финансиска поддршка од Германското друштво за соработка (ГИЗ), предвидува инфраструктурни зафати за воспоставување на повторна врска на Блатото со Езерото, изградба на патеки внатре во самото блато кои што ќе служат за научни и туристички цели и изградба на неколку набљудувачници. Заедно со прогласување на овој простор за споменик на природата блатото треба да добие една еколошка димензија со што ќе биде нов елемент во туристичката понуда на Охрид.