Од некогашните 40-тина хектари, денес од Студенчишкото блато остана површина од околу 25 хектари. Голем дел од ова природно живеалиште на голем број видови флора и фауна, меѓу кои и ретки видови, под влијание и разни активности на човекот е уништен во изминатите децении. На некогашното блато денес има станбени комплекси, спортски центар, а во срцето на овој важен дел од еко системот се сместени управната зграда на ЈП „Охридски Комуналец“ и дендролошкиот расадник, како и армиски и полициски објекти. Со изградба на асфалтната поатека од Охрид до Горица прекинат е и природната комуникација на езерото со блатото каде се мрестеа автохтоните видови риба, како што е крапот. Дел пак од блатото е претворен во депонија што сериозно го загрозува опстанокот на живиот свет, за што говори и фактот што веќе се исчезнати неколку видови ретки растенија, меѓу кои и препознатливиот жолт локвањ и белиот лотос.


Ваквата состојба, ги алармира надлежните институции кои денеска го официјализираа почетокот на Проектот за заштита на остатотокот Студенчишкото блато на Охридското Езеро, како дел од  Проектот за заштита на биодиверзитетот на езерата во Дримскиот Басен. Проектот инициран од Билатералниот секретаријат за заштита на Охридско Езеро, предвидува прогласување на Студенчишкото блато за споменик на природата со што ќе се спречи натамошно негово уништурање.

-Проектот предвидува инфраструктурни зафати  за воспоставување на повторна врска на Блатото со Езерото, изградба на патеки внатре во самото блато кои што ќе служат за научни и туристички цели и изградба на неколку набљудувачници. Заедно со прогласување на овој простор за споменик на природата блатото ќе дбие една еколошка димензија со што ќе биде нов елемент во туристичката понуда на Охрид , истакна Дејан Пановски, македонски претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро.


Во врска со се’ посилните притисоци врз блатото од страна на човекот и нескриените амбиции на градежниот сектор за овој атрактивен простор, Пановски со став дека такви притисоци имало и ќе има, а токму ваквите проекти и активности ќе придонесат да се намалат тие притисоци и да се заштити овој значаен простор.

На промоцијата на проектот присуствуваше охридскиот градоначалник, како и претседателот на Советот, членови на советот и претставници на Локалната самоуправа која ќе биде вклучена во активностите за заштита на Студенчишкото блато. За таа цел на иницијатива на Одделението за заштита на животната средина при Секторот за урбанизам, претходно, беше изготвена стручна „Студија за заштита на остатотокот од Студенчишкото блато и преземање активности за негова ревитализација“, во која се предвидени повеќе инсфраструктурни активности за заштита на блатото.


Проектот финансиски е поддржан од Германското друштво за соработка (ГИЗ), од каде, исто така, го потенцираат значењето на овој еко систем исклучително богат со жив свет.

-Студенчишкото блато само по себе има голема еколошка вредност. Но, од друга страна, со самото тоа што е во непосредна близина на градот и останатите туристички дестинации, тоа место е практично отворена покана да се преземат активности за негова заштита, како можна дестинација за посета на туристите, но истовремено да се подигне свеста на луѓето за важноста на биолошката разноврсност и потребата од заштитата на животната средина, истакна Ралф Певелингод ГИЗ.


Според проф Д-р Трајче Талески од Хидробиолошкиот завод во Охрид овој проект е почеток на пошироки активности за заштита на преостанатиот дел од Студенчишкото блато.

– За да се врати тоа што е уништено во последните 20 години потребни се големи средства, меѓутоа остатокот од блатото треба да се обидеме да го заштитиме, пред се затоа што се уште располага со голема разновидност на флора и фауна. Со прокопувањето на каналите ќе се овозможи комуникација на блатото со езерото, така што овој дел од крајбрежејето на Охридското Езеро ќе стане најголемо природно мрестилиште на крапот и некои други видови, рече Талески.


Алармот за заштита на остатокот на Студенчишкото блато го вклучи OhridNews кој пред околу 4 години реализираше проектна активност за зачувување на ова ретко природно богатство. Во рамки на активностите успешно беше ревитализиран простор од околу 1000 метри квадратни, од каде беа подигнати стотици кубни метри најразличен цврст отпад, со што се врати и животот во деградираните подрачја. Грижата за блатото сега ја преземаат институциите кои со меѓународна помош ќе се обидат да го спасат остатокот од Студенчипкото блато.


На иницијатива на OhridNews ревитализиран дел од Студенчишкото блато

Г. Момироски