Павел Тасков, студент на Универзитетот за информатички науки и технологии од Охрид освои златен медал на Интернационалниот натпревар во роботика „Робомак“, кој се одржа во Скопје. Натпреварот бил поделен во 5 категории, а секоја од нив имала посебна задача и различна технологија за примена.

-Вкупно пет студенти беа претставници на Универзитетот „Св. Апостол Павле“, распределени во различни тимови за поголема мултикултурна разновидност на натпреварот. Јас и мојот тим работевме во категоријата „Роботска Рака“. Нашиот предизвик беше да ја искористиме роботската рака Робиџ Расцал, со нејзините зглобови и мотори, да собереме точна сума од монети поставени околу неа. Тоа не беше едноставна задача бидејќи  бара висока концентрација, меморија, како и  креирање на специјални алгоритми.  Сите во тимот работевме напорно, секој во своето поле на експертиза, а резултат од вложениот труд е златниот медал за освоено прво место во нашата категорија, вели Тасков.

Тој појаснува дека натпреварот „Робомак“ бил прилика да ги имплементираат сите претходно стекнати знаења на Универзитетот во реални, практични услови.

-На УИНТ имаме специјална лабораторија за роботика и клуб за роботика, кои се одлична основа за надградба во оваа област. Јас сум моментално 4-та година на факултетот за Машинска Интелигенција и Роботика и добар дел од слободното време го поминувам точно таму, вели Тасков.

Тој нагласува дека освен академските знаења, огромна придобивка за него како студент е и фактот дека посетува студии во една интернационална, мултикултурна средина и исклучиво на англиски јазик.

OhridNews