– Студентите треба да го кажат својот збор за тоа како го замислуваат просторот и што е тоа на што би требало да се интервенира за најдобро да функционира. Презентираните идеи потоа ќе послужат како основа за изработување на реални проекти, објаснува професор доктор Викторија Еремеева, декан на архитектонскиот факултет при Универзитетот Американ Колеџ од Скопје,во чија организација од денес до 7 јули се одржува првата Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн, во сорбаотка со НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид, НУ Охридско лето, и Општина Охрид.
Според директорката на Завод и музеј, Тања Паскали Бунташеска, идеите кои ќе се презентираат деновиве ќе бидат корисни како за градот, така и за самите студенти и нивната понатамошна работа.
– Од странаа на студентите ќе се вршат потребни анализи, кои ние често немаме време да ги вршиме. Тука се познати професори од Хрватска кои имаат големо искуство од областа на архитектурата и се надевам на крај ќе имаме добри производи кои ќе можат да се применат како појдовна основа за изработка на проекти, вели Паскали Бунташеска.
Директорката на фестивалот „Охридско лето“ Елизабета Јанкулоска, потенцира дека со одржувањето на Летната школа за архитектура и дизајн се остваруваат претходно дадените ветувања дека ќе се организираат низа активности и вон предвидената програма на фестивалот „ Охридско лето“ .
– Денес ја отвораме вратата на креативноста, сите млади луѓе и заинтереирани лица кои сакаат да работат и да творат во културата да им покажеме дека „Охридско лето“ е место каде што можат да се изразат и затоа најголемата поддршка ќе ја дадеме токму во однос на креативниоте индустрии, изјави Јанкуловска.
Работата и тематскиот опфат на Меѓународната летна школа за архитектура и дизајн се насочени кон три главни компатибилни области на делување : архитектура, визуелни уметности (дизајн) и урбанизам. Како што потенцираат организаторите, крајната цел на предвидените активности, е низ мултидисциплинарен пристап, да се реоткријат вредностите на културните амбиенти во контекст на широко сфатената креативност, а со цел да се прифати и утврди дефиницијата на архитектурата како перформанс низ концептот на ревитализирана култура, приближувајки се на тој начин и делувајки низ суштински разбрани поенти на креативните индустрии.












