Денеска со почеток во 14 часот студентите ќе одржат протест пред Владата на Република Македонија, на кој ќе ги повторат нивните барања против  воведувањето на државен испит на факултетите. Како што најавија од Студентскиот пленум, овој пат ќе биде одржан само протест пред Влада, без марш по скопските улици.

„Изгледа дека она што Владата го подразбира под „јавна расправа“ е (консензуален) разговор на министрите и премиерот пред камери. покрај сите „јавни дебати”, свесно прекршување на законите, како и целосното игнорирање на Студентскиот Пленум како и на самите универзитети, ние не се откажуваме! Драги граѓани, студенти, професори, родители, средношколци, професори и пензионери да не дозволиме овој монолог на владата да продолжи! Студенти, да си го освоиме образованието назад! Ова е моментот кога треба да искажеме револт не само поради лошите реформи, туку и затоа што сопствената држава без срам не игнорира, дрско ни се потсмева, невешто не заокружува. Затоа во петок, сите на протест! Помасовно, побунтовно и покреативно, затоа што сите заедно сме посилни!“, пишува во повикот за протест објавен на Facebook страната на Студентскиот Пленум.

Ова е трет студентски протест во изминатите два месеци против воведувањето државен испит во високото образование.

Став на Владата е дека со воведувањето на државниот испит на факултетите, ќе се подобри квалитетот на образованието.

Професори од повеќе факултети во земјава побараа од собраниската Комисија за образование, наука и спорт да им дозволи ним и на преставници на Студентскиот пленум учество на седницата која е закажана за денеска, на која на дневен ред во прво читање е ставен и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование.

OhridNews