Со низа новини и проекти, студентите при Факултетот за туризам и угостителство, го надоградуваат своето знаење и практично искуство, со цел по завршувањето на високото образование да се вбројат меѓу најквалитетниот кадар на пазарот на труд.

Еден од пилот проектите кои се во тек на реализација на ФТУ, е и подготвувањето на производи наменети за одредени категории потрошувачи.


Во рамки на факултетот направен е мал инкубатор, фирма во која студентите кои се во трета година на отсекот Гастрономија, исхрана и диететика, она што го апсолвирале изминатите три години сега имаат можност да го преточат во конкретен производ.


Овие производи кои се прават во фирмата се исклучиво по рецептура од нашите студенти и ги нема на пазарот. Едните производи се наменети за патување и содржат ѓумбир, другите се диетални наменети за дијабетичари и високоенергетски производи наменети за луѓе со зголемен психофизички напор. Станува збор за производи без маркетишнки трик, тоа значи дека диеталните производи не содржат вештачки шеќер кој е штетен, туку природен сируп кој го регулиура нивото на шеќер, но не предизвикува никакви проблеми кај болните. Производите за патување содржат интегрално брашно, ѓумбир, ленено семе, склоп на компоненти важни за организмот, објаснува Ангела Василевска, професор и раководител на катедрите за гастрономија и хотелско-ресторански менаџмент на ФТУ во Охрид.

 

Во рамки на проектот, студентите прават и производи наменети за луѓе кои имаат алергии на глутен.

Меѓу производите можат да се најдат и хелдини погачки направени од Хелдино брашно кое не содржи глутен и кои потоа ќе им се понудат на хотелиерите и доколку тие имаат клиенти со алергии на глутен, да имаат готов производ, вели професор Василевска.


Примероци од производите се веќе испратени во Институтот за здравје, со цел да се провери нивната микробиолошка безбедност и да се добие комплетна слика за содржината на хранливите материи кои ги содржат.

Најпрво е предвидена промоција на производите , а потоа по завршување на процедурата за регистрација како вистински производи , предвидено е да се пласираат на пазарот, во угостителските објекти и малопродажните центри.

Т.К.