Виното се произведува со многу труд  и знаење и затоа е многу важно како тоа ќе им биде послужено на гостите, беше потенцирано пред студентите од Факултетот за туризам и угостителство кои учествуваа на првата работилница за вино.

Како што потенцира Ангела Василевска, професор и раководител на катедрите за гастрономија и хотелско-ресторански менаџмент на ФТУ во Охрид, целта поради која се организира работилницата  е  да се промовира винската култура во Македонија  и да се подобри знаењето на студентите за виното и неговото значење во  угостителската  индустрија.

– Ова е навистина многу важно, бидејќи виното како производ е многу важен во угостителската индустрија, а знаењето на студентите е важно за создавање на еден профил на студент кој ќе излезе од кај нас и ќе биде подготвен да одговори на пазарот на труд  на еден високо професионален начин. Досега немаше  лица кои знаат правилно да го служат виното и правилно да го понудат. Секое вино треба да биде послужено со винска приказна, а не на гостинот само да му се  даде винска карта , објаснува Василевска.

Студентите во текот на двата дена од работилницата имаа можност да стекнат знаења  за виното- неговото прозиводство, квалитет и дегустација од  Лилјана Лазова, сомелиер со долгогодишно искуство во Винарската визба „Тиквеш“.

–    Со стекнување на знаењата за производството и квалитетот на виното се надеваме дека ќе им помогнеме на студентите да се едуцираат, но и на луѓето во хотелиерството да имаат вработени  кои ќе можат да ги служат вината. Ќе им помогнеме и на винариите,  да има луѓе кои ќе можат правилно да ги презентираат вината добиени со многу труд и кои заслужуваат да ги послужува некој  кој има знаење. Гостинот кога ќе дојде сака да слушне приказна за виното кое му се нуди и какви карактеристики има, вели Лазова.

Освен првата ќе следуваат уште неколку работилници,а студентите ќе имаат можност да посетат винарии и да го видат процесот на производство на виното.

По завршувањето на работилниците, студентите ќе добијат сертификат за вински експерт.

Т. Кувенџиска