Денешниот студентски протест во Скопје започна со читање на „Студентскиот манифест“, а пред Владата беше поставена бина на којашто настапуваше музички бенд, а се слушаа бунтовни песни. Се извикуваше „Студенти, студенти, независни и силни“, а меѓу транспарентите можеше да се прочита „Намерно ќе паднам на државен за да ме стават министер“, „Министре дојдете на ПМФ да ви одржиме лекција“, „500 години ни беа малку?“.
„Нè поддржа Ректоратот на најголемиот и најстариот универзитет, се надеваме дека ќе нè поддржат и другите Универзитети. Студенти како се чувствувате, кога се мрзнете за права кои треба да ни бидат загарантирани, средношколци како се чувствувате кога незапишани на факултетите ви гарантираат пекол, родители како се чувствувате кога вашите деца се мачат, а синовите и ќерките на политичарите учат на престижни универзитети“, рече студент од Пленумот кој зборуваше пред насобраната маса.
Меѓу студентите имаше и професори на факултети, но и професори кои се веќе пензионирани. Пензионираниот професор од Економскиот факултет Ангел Ѓорѓиевски вели дека проектот е монструозен и дека нема потреба воопшто да се расправа, туку треба да се укине.
„Сакам да се осврнам на изјавата на премиерот дека тој не знае зошто се бунат студентите, кога тоа не се однесува на нив. Тоа е монструозна изјава, нека се потсети премиерот на неговите револуционери, неговите вмровци кои гинеле за други, нека се потсети на ученикот од градежното училиште кој загина за да одбрани свој другар, и тоа од друга националност, на болничарките кои гинеле за да спасат ранети. Тоа зборува за карактерот на премиерот“, ни изјави Ѓорѓиевски.
Ректорската управа на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ денеска побара од Министерството за образование да ги повлече измените на Законот за високо образование. Ова е трет студентски протест против новата реформа на владата за воведување на државен испит на Универзитетите.
Премиерот Никола Груевски изјави дека државниот испит е за доброто на граѓаните, за да добијат подобро и поконкурентно образование. Измените утрово го поминаа првото читање на собраниската комисија за образование.
OhridNews
извор: Макфакс фото: Локално