Уште од 1998 година, кога за првпат беше организиран, Охридскиот летен универзитет,кој е единствена школа од ваков вид во југоисточна Европа, до денес функционира како академска програма наменета за млад наставен кадар, докторанти, последипломци, истражувачи и професионалци, која нуди интензивни, проблемски ориентирани курсеви базирани на истражувања од областа на општествените и хуманистичките науки.
Инициран како производ на напорите да се промовира нов, алтернативен пристап во високото образование, ОЛУ дејствува како образовен форум за отворена интелектуална дебата, нуди теориско истражување и образовна практика, спојувајќи ги интердисциплинарните методологии и меѓународните академски достигнувања. На таков начин, обезбедува ефективни можности за образовен развој на нови генерации наставен кадар кој доаѓа од разни географски, културни и етнички средини.
Секоја година, универзитетот го посетуваат повеќе од 100 учесници од земјите на Централна, Источна и Југоисточна Европа и од поранешните советски републики да ги следат курсевите на летните школи во текот на две до три недели, понудени од професори од Универзитети од целиот свет кои се истакнати во своите дисциплини. ОЛУ со тоа воспоставува меѓународна академска мрежа, која нуди платформа за постојана и продуктивна соработка.