Веќе 11 години Студио „Кинезио“ на дипломираниот кинезитерапевт Јован Каланоски е синоним за здрав живот и здрави животни навики. Од сега „Кинезио“ ќе функционира во нови простории на улица „Даме Груев“ 267 во Карабегомаала.

Се враќаме по неколку години на истата улица со нови сили, со стариот наш препознатлив дух, со многу вежби и тренинзи за здрав живот и здрав начин на живот. – изјави Каланоски.

Студио „Кинезио“ нуди пилатес тренинзи за девојки, а веќе две години има и програма за возрасни, таканаречен мешан пилатес кој го посетуваат и мажи, како и часови по корективната гимнастика и пилатес кои веќе една деценија успешно се спроведуваат со дечиња со и без проблеми во растот и развојот.

Тренираме секој ден според програма подготвена за соодветните групи и во термини кои се формираат во зависност од наставата на децата. – истакнува Каланоски.

Студио „Кинезио“ долги години реализираше проекти за намалување на деформитетите кај децата, кои и натаму ги има во сериозно висок број.

Имавме прекрасни проекти за правилен раст и развој на децата во Општина Охрид кои беа поддржани од локалната самоуправа, за бесплатни вежби за корекција на деформитетите кај најмладите. Но од неразбирливи причини подоцна општината ги прекина. Една година заедно со OhridNews реализиравме заеднички проект кој опфати повеќе групи на деца со проблеми во растот, но и тогаш изостана поддршка. Верувајте мора да им се помогне на децата, дотолку повеќе што над 80% од нив имаат некаков деформитет кој е последица на современиот начин на живот и недоволна физичка активност. – посочува Каланоски.

Покрај пилатес и корективни вежби Студио „Кинезио“ нуди и професионални масажи и стручни третмани на мускулно-скелетното тело кои ги изведува соодветно обучен тим, како и специјализирани тренинзи за здрав живот, совети за исхрана и индивидуални тренинзи што е светски тренд.

OhridNews
Фото: А. Момироска