Индискиот милијардер Субрата Рој, кој вчера допатува во Охрид, според најавите, денеска, ќе ги обиколи локациите во Љубаништа, каде е предвидено да се гради суперлуксузен туристички комплекс.
Дваесетчлената делегација на индиската компанија „Сахара Индија Паривар“ предводена од сопственикот Субрата Рој, ќе ја придружува тим на државата предводен од вицепремиерот Зоран Ставрески.
Според најавите, најголемиот ресорт на природно езеро во Европа, треба да биде изграден на површина од 240 хектари и ќе содржи луксузен хотел – казино на вода, апартмани, вили и голф терени. Вкупната вредност на проектот кој го изготви светски познатата проектантстка куќа „Аткинс“ од Лондон се проценува на околу 1 милијарда евра. Најпрвин ќе биде изграден хотелот со казино кој ќе лебди на вода, а целиот комплекс според одредени проценки треба да биде завршен до 2020 година.
За денеска попладне најавена е и прес конференција на која бизнисменот Субрата Рој и вицепремиерот Ставрески ќе изнесат детали за проектот „Сахаријан Македонија“.