Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска го прими г. Субрата Рој, основач и сопственик на индиската компанија „Сахара Индија Паривар”.
На средбата, Рој го информирал претседателот Иванов за сферите на интерес за инвестирање во Република Македонија, како и за почетокот на подготовките за реализација на проектот „Сахаријан Македонија“, соопшти кабинетот на претседателот.
Претседателот Иванов изразил задоволство од искажаниот интерес за инвестирање во Република Македонија, како и за конкретизација на проектите, што во голема мера позитивно се одразува на јакнењето на македонско – индиските односи и соработка. Воедно, македонскиот претседател изразил интерес и подготвеност за проширување на билатералните односи и соработка, како на политички план, така и во повеќе области од заеднички интерес со акцент на земјоделието, туризмот и културата.
На средбата биле разменети мислења и информации за потенцијалите со кои располага Македонија, за можностите и за предностите кои ги нуди земјава за странските инвеститори. Притоа, претседателот Иванов ги потенцирал континуираните напори што Република Македонија ги презема во насока на подобрување на економската клима и привлекување на странски инвестиции.
Двајцата соговорници констатираа дека двете земји имаат широка перспектива за продлабочување на билатералните односи, кои се традиционално пријателски, и ја реафирмираа подготвеноста за унапредување на соработката и нејзино конкретизирање со натамошни проекти, информираат од Кабинетот на претседателот Иванов.
Милијардерот Субрата Рој заедно со премиерот Никола Груевски, симболично со откривање на плоча, денеска, го означија почетокот на изградбата на Статуа на Мајка Тереза во центарот на Скопје.