Регистрираните и категоризирани станоиздавачи од мал обем во Охрид, кои редовно ги подмируваат обврските за плаќање на туристичка такса, во иднина ќе добиваат субвенции од страна на локалната самоуправа. Оваа мерка е дел од ,,Програмата за поттикнување и развој на туризмот за 2014 година”, која ја подготвил Секторот за туризам и локален економски развој.

-Оваа субвенција би се исплаќала на полугодишна основа, по евидентирање на уплатената туристичка такса од страна на приватниот станоиздавач, во период од шест месеци. На овој начин, станоиздавачите би се охрабриле редовно и навремено да ја плаќаат туристичката такса, со што се очекува зголемување на уплатата на туристичка такса, како и намалување на прикривањата на нејзина уплата, пишува меѓудругото во објаснувањето за мерката.

Во програмата се појаснува дека висината на оваа субвенција, како и останатите критериуми кои ќе треба да ги исполнат станоиздавачите, ќе бидат утврдени со дополнителни анализи.

Според планираното, оваа година охридските локални власти планираат да издвојат и средства за финансирање на локални микропроекти. Оваа мерка е во согласност со ,,Стратегијата за развој и подобрување на условите за сместување и квалитетот на услугите на станоиздавачите од мал обем”. Овие средства ќе бидат распределени преку објавување на Јавен повик за финансирање на микропроекти, на кој ќе може да се пријават Невладини организации, Месни и Урбани Заедници како и приватни станоиздавачи од мал обем.

Е.М