Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство подготвува  нов тип  на финансиска поддршка за земјоделците кои при производството особено водат сметка за заштита на животната средина, почвата, автохтоните раси, растителните видови, пасиштата, наводнувањето и употребата на ѓубрива.

Станува збор за таканаречените агроеколошки мерки, кои Македонија допрва ќе ги акредитира како дел од ИПАРД програмата. Потребната документација е веќе заокружена, останува повисоките стандарди да се спроведат конкретно и директно на терен.

– Со еколошкиот начин на земјоделско производство ќе се заштити животната средина, ќе се зачувуваат природните ресурси, водата, почвата и генетската диверзификација, а на граѓаните ќе им се понуди здрава и еколошка храна, рече министерот Димовски на вчерашната конференција „Агроеколошки мерки – можности и предизвици на земјите-членки и земјите-кандидати на ЕУ“.

Според министерот, агроеколошките мерки се основа за новата „зелена“ аграрна политика. Земјоделците кои добро ги познаваат агроеколошките принципи и нивните придобивки, полесно ќе се одлучат за семејно и традиционално производство.

– Агроеколошките мерки не се субвенции, туку финансиска поддршка што ќе ја добиваат земјоделците како надополнување на приходот за спроведување на обврските – еколошки начин на обработка, наводнување, ѓубрење, заштита на растенијата и биодиверзитетот, враќање на традиционалното земјоделство, истакна министерот.

Нивното воспоставување ќе почне оваа година преку Програмата за рурален развој. Предвидени се 26 милиони денари за систем за следење и анализа на автохтони видови животни и растенија и создавање генетски ресурси, како и за надомест на трошоци за номадско одгледување на овци, кози и говеда во висина од 80 отсто од просечна месечна бруто плата. До крајот на 2012 се планира и финиширање на Системот за идентификација на земјоделските парцели кој е основа за градење на политиките за развој на вкупното земјоделство, вклучувајќи го и еколошкото.

OhridNews