-Висината на финансиската помош ќе биде до 80 проценти од вкупните прифатливи трошоци за првата година. Секоја наредна од одобрувањето на работната програма, процентот на подршката се намалува за 20 отсто. Субвенцијата може да се добие и како аванс, со плаќање во износ од најмногу 40 проценти од прифатливите трошоци, информираат од Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство.
Од таму објаснуваат дека бенефитот за земјоделците ќе биде повеќекратен.
– Членовите на задругата ќе добијат најмалку пет отсто пониски цени на репроматеријалите. Наместо 50 отсто, планирана е финансиска помош од 60 до 70 проценти за кофинансирање за земјоделска механизација. Државата ќе регресира и 20 отсто од надоместокот за вода што треба да ја плати задругата. Ќе се покриваат и дел од средствата што задругата ќе ги плати за осигурување на посевите, како и платите на менаџерите на задругата во првите години, појаснуваат од министерството.
Според годинешната програма предвидено е да има два типа на задруги, од помал и од поголем обем, зависно од бројот на членови и земјата што ќе се обработува. Тие може да побараат средства за трошоци за регистрација, за закуп на простории, за набавка на компјутерска опрема и мебел, за водење сметководство, како и за едукација и обука. Парична помош ќе добиваат и за организирање информативни активности за нивните производи, за учество на саеми и за изработка на промотивни материјали.
Лани за формирање нови и за одржување на веќе постојните конкурирале 12 земјоделски задруги. Пет од нив побарале пари за набавка на опрема за модернизација, а другите 7 за формирање нови и за почнување со работа на промотивните активности.
Кооперативното здружување во Македонија засега е на многу ниско ниво. Од вкупно регистрираните 52 задруги, активни се само 15.