Судскиот совет ја одложи главната расправа од процесот што пред Основниот суд во Охрид се води против Илија Спасески, првообвинетиот за нападот врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков.

Судијата Бојан Мартиноски кој го води процесот, го прифати барањето на одбраната на првообинетиот за одлагање на денешната расправа, од причина што, како што беше посочено од застапниците на обвинетиот, не им се доставени доказите обезбедени од Обвинителството во предистражната постапка. Судењето ја одложи главната расправа за 5 април.

Адвокатот на одбраната, Димитрија Цобоски, изјави дека не е испочитувана законската обврска на Обвинителството да бидат доставени доказите, како основен предуслов за соодветна подготовка на обраната.

Со поднесеното обвинение поднесена е и листа на докази во која се приложени повеќе аудио и видео записи, како и повеќе вештачења. Во дел од нив имавме увид, но во дел немавме увид. Сметаме дека е неопходно одбраната да ги види тие докази, заштоа што од нив ќе зависи не само одбраната, туку и како ќе се изјасни обвинетиот. – рече правниот застапник на обвинетиот Димитрија Цобоски.

Цобоски во изјавата дадена за медиумите по одложувањето на расправата за самиот случај рече дека не се согласува со квалификацијата во обвинението дека станува збор за напад од омраза, додавајќи оти се работи за до крајни граници исполитизиран настан, што само ќе и наштети на постапката.

Како може да биде напад од омраза кога неговиот татко спасуваше бугарски државјани во големата бродска несреќа што се случи на 5 септември 2009 година на Охридското Езеро, кога малиот (Илија) беше прв кој кажа дека тоне бродот и кој е воспитан во еден дух секого да сака, а најмалку да мрази било кого. Сега размислете дали може да биде омраза или на ова се дава еден политички акцент. Позадината на случајот е чисто политичка. – истакна адвокатот Цобоски.

Нагласи дека во истрагата се спомнувале животозагрозувачки повреди на оштетениот што, како што рече, очигледно не е така.

Неспорно е дека оштетениот има повреда на долната вилица, дека има фиксирана долна вилица, но сето друго укажува на можноста тој и да патува и да биде присатен на расправата, меѓутоа очигледно е некое тактизирање и од негова страна, рече Цобоски.

Инаку, за одбраната, како што нагласи, во процесот не е неопходно присуството на оштетениот во Судот. Првообвинетиот Илија Спасески се товари за кривично дело напад од омраза со тешки повреди, додека се уште нема обвинителен акт против второто лице Б.А. (23) од Битола кое беше приведено минатата седмица. Според одбраната на Спасески, обвинителството ќе мора да го докаже обвинението, дотолку повеќе, како што рече, доказите и фактите не се совпаѓаат со изјавите на оштетениот.

Обвинителот нека докаже зошто била тепачката, а ние имаме контра аргументи. На видео записите, како и во исказите на сведоци не забележав дека некој со погрдни зборови се обраќа кон оштетниот затоа што бил Бугарин. Такво нешто нема. – дециден е Цобоски.

Стефан Камишевски, адвокатот на Христијан Пендиков, истакна дека оштетениот ќе се појави пред Судот во мигот кога ќе заврши со лекувањето, а адресата на Пендиков во Бугарија што се уште не е достапна ниту на Судскиот совет што го води предметот, ќе биде соопштена дополнително. Запрашан зошто оштетниот не се јавил на рочиштето, тој истакна оти тој се уште чувствува последици од повредата и не може да зборува. Спротивно на ова, Пендиков се појави во телевизиско интервју каде и покрај тешкотиите во говорот, сведочеше за немилиот настан.

Не сум го гледал тоа интервју. – рече адвокатот Камишевски.

Како оштетена страна во процесот, Камишески најави дека во постапката ќе биде предјавено парично оштетно побарување, што ќе зависи од тежината на повредите на оштетениот во кривичното дело.

Инцидентот со Христијан Пендиков се случи на 19 јануари во кафе-бар во Охрид. Случајот предизвика тензии во односите меѓу Софија и Скопје. Бугарските власти испратија авион со кој Пендиков беше транспортиран на лекување во Софија каде што се уште се наоѓа.

Судскиот процес предизвика големо медиумско интересирање. На одложеното рочиште присутни беа бројни медиумски екипи од зејкава и соседна Бугарија.

Г. Момироски